Роберто Беличанец: Говорот на омраза не е говор

Медиумскиот експерт Роберто Беличанец во рамки на конференцијата Ингејџ (Engage) на 25.02.2012 година одржа презентација во која ги објасни основните поими поврзани со говорот на омраза. Објаснувајќи ги основните поими тој укажа на честата злоупотреба на поимот „слобода на говор“ и потребата за користење термини кои ги разјаснуваат разликите меѓу често користените поими.

Викам говорот на омраза не е говор. „Говор на омраза“ некако се прими како фраза и во многу меѓународни документи се зборува за „говор на омраза“. Меѓутоа, ако се погледнат малце подобро ќе излезе дека во суштина, кога го користиме зборот говор ние постојано се најдуваме на една контратеза дека нели постои слобода на изразување и слобода на говор. Оние што се промотори на тој говор на омраза викаат дека било каква реакција на тавкиот говор во суштина претставува загрозување на нивното право на изразување. Меѓутоа, факт е дека тоа не е говор, тоа е вербално насилство. Јас во презентацијава понатаму нема да користам говор на омраза туку ќе користам вербално насилство, затоа што сум под импресии на еден когнитивец кој вели дека зборовите имаат значење во нашиот мозок и ако не ги користиме вистинските правиме збрка. И таа збрка овдека ја гледаме.

Зошто е насилство, а не говор? Затоа што она што го карактеризираме како говор во човечката комуникација обично носи некаква вредност, постои некакво мислење, или преку размислување за одредена емоција пренесува порака. Ако ја видиме пораката што говорот на омраза ја пренесува, таа е чисто насилство и може да се сведе на крајот на неговиот најбитен елемент, а тоа е насилството. Целта е: дискриминација, дехуманизација, елиминација.

Тоа е една формула која ја користеле пропагандистите, особено расистичките пропагандисти на почетокот на XX век, којашто има завршено со концентрациони логори. Идејата е преку употреба на стереотипи, лажни аналогии и лажни поврзувања, набиено со емоции и омраза да ви го одрече правото дека сте припадник на човечката раса за да може да го овозможи убивањето полесно. Значи ниеден таков говор не е наивен, затоа што отчовечува и прави од таргетот на говорот на омраза легитимен таргет за реално насилство.

Реков дека користењето „говор на омраза“ прави збрки со легитимната слобода на изразување и тоа е она што многу често го слушаме кај нас, во нашево општество дека „па не можеш ти мене да ми загрозиш слобода на изразување, да мислам и да кажувам тоа што сакам“. Меѓутоа, ако работите се постават на ваков начин како што јас се обидувам сега да ги поставам, ако се одрече тоа дека говорот на омраза во суштина претставува говор туку се работи за насилство, а има многу студии што го покажуваат тоа… Тогаш, решението е многу едноставно: правото на слобода на изразување не ве штити кога го употребувате говорот на омраза.

Ограничувањата дури се поставени со меѓународните конвенции. Почнувајќи од Универзалната декларација за човекови права па сè до Европската конвенција за човекови права која е на сила и кај нас. Различни законодавства различно го третираат, меѓутоа не постои законодавство во светот кое барем три елементи не ги криминализирало, вклучително и кај нас. Тоа е дискриминативен говор по однос на расна, верска и национална омраза.

Тоа е наследство од антифашистичката борба, затоа што екстремната пропаганда гебелсова против Евреите, дехуманизирањето и масовната употреба на говор на омраза во јавен дискурс едноставно овозможило есесовците во логорите полесно да ги притискаат чкрапалата и подобро да ги полнат печките, затоа што мислеле дека немаат работа со луѓе туку дека имаат работа со потчовечки вид. И заради тоа, овие три традиционални категории се криминализирани речиси во секоја земја во светот.

Е сега, има малце различен третман во Европа и Америка. Во Америка мора од тој говор да произлезе реално насилство за да бидат процесирани, во Европа не мора. Значи, американскиот Врховен суд има воспоставено еден стандард којшто се вика „clar and present danger“ (јасна и присутна опасност) – она што го зборувате мора да предизвика последици за да бидете процесирани и тогаш ве процесираат за она што тие го викаат „hate crime“ (злосторство од омраза), односно за друго кривично дело меѓутоа како битен елемент ја земаат омразата којашто ја носите и којашто е ирационална.

You may also like...