За проектот

Слобода на изразување и говор на омраза

Проектот „Слобода на изразување и говор на омраза“, спроведуван од фондацијата Метаморфозис, придонесе за градење капацитети на активистите од граѓанскиот сектор и наставниците за препознавање и спротивставување на говорот на омраза на Интернет преку создавање јавно достапни ресурси, обуки и обезбедување платформа за вмрежување и иницирање иницијативи за застапување и подигање на јавната свест.

Метаморфозис се фокусираше на употребата на нови технологии за развој, вклучувајќи ги и дигиталните права, а особено слободата на изразување и борбата против говор на омраза на интернет. Метаморфозис ја води веб-локацијата nemrazi.mk | mosurrej.mk – платформа што служи како складиште за подготвените едукативни е-содржини и врска на интернет-заедницата што се состои од корисници на друштвени медиуми и активисти за човекови права кои посетуваат обуки што ги оспособуваат за распространување на знаењето во нивните локални заедници. Содржината на платформата се создава на македонски и албански јазик, што ја зголемува нејзината инклузивност и досег и вклучува вести, аналитички написи и дигитална библиотека што ги содржи едукативните ресурси и разни други публикации, од истражувачки извештаи до документи за политики и правни документи. Најновата од серијата иновативни алатки што се користат за допирање до поширока публика е првата апликација за паметни телефони, за борба против омраза на интернет (nemrazi.mk/app),  што им овозможува натамошно вклучување на корисниците на Android и iOS во активностите, како и полесен пристап до најновите вести и сите поврзани ресурси.

Во најзначајните образовни ресурси создадени во рамките на проектот спаѓаат 2 ИКТ водичи што се фокусираат на претставувањето и објаснувањето на основните концепти поврзани со говор на омраза, правната рамка и можностите за реакција на граѓаните: препознавањето, обележувањето, како и преземањето акција: известување, придружување на иницијативата, итн. Водичите беа создадени од експерти за човекови права, а содржините беа приспособени за соодветните целни групи: млади (тинејџери – средношколска возраст) и општо население (возрасни). Беа создадени и други образовни и промотивни ресурси, како што се постери и летоци.

Стекнатото знаење се искористи за создавање на педагошкиот прирачник за работа со млади „Слобода на изразување и приватност во дигиталната ера“ објавен на македонски и француски јазик, во синергија со проектот за соработка меѓу Македонија и францускиот регион Долна Нормандија.

Овие дигитални ресурси се основа за формирање на онлајн заедница, што се проширува преку друштвените мрежи Фејсбук и Твитер, како и со користење на промотивните капацитети на други проекти на Метаморфозис поврзани со слободата на изразување, како што е порталот на албански јазик Portalb.mk и новинската агенција META.mk. Конкретно, Сервисот за проверка на факти од медиумите (factchecking.mk) се справува со говорот на омраза на интернет и во медиумите, преку едукација на јавноста, истакнување на одредени случаи и нивно спротивставување со стандардите на професионалното новинарство преку анализи и новинарски рецензии. Метаморфозис соработува и со други проекти против говор на омраза во Македонија, како што е платформата за пријавување говор на омраза што ја води Хелсиншкиот комитет за човекови права и веб-локацијата bezomrazno.mk на Македонскиот институт за медиуми.

Градење капацитети

Со активностите за градење капацитети беа опфатени активисти и наставници заинтересирани за распространување на знаењето за спротивставување на говорот на омраза во нивните заедници. Проектот спроведе три почетни обуки во периодот од декември 2013 до февруари 2014 година, со 33 учесници кои беа вклучени во понатамошните активности на проектот. Потврдувајќи ја суштинската улога на формалниот образовен процес во создавањето на перцепциите на младите, активностите за градење на капацитетите кои траеја до крајот на 2014 година се фокусираа на вклучувањето на повеќе наставници во заедницата против говор на омраза, преку изградба на мрежа составена од посветени едукатори. Во јуни, група од 5 наставници учествуваше во обука што се одржа во Каен, Франција, ко-организирана од Метаморфозис и Институтот за човекови права и мир. По нивното враќање во Македонија, учесниците спроведоа обуки за нивните колеги во основните и средните училишта, проширувајќи ја мрежата со уште 10 наставници. Потоа, тие заеднички организираа работилници, презентации и натамошни обуки на македонски, албански и ромски јазик во основните и средните училишта  во Скопје, Прилеп и Тетово.

Следен чекор е проширување на мрежата со повеќе наставници коишто работат со ученици во средните училишта или со ученици од повисоките одделенија во основните училишта.

Промоција и застапување

Метаморфозис е член на Националниот комитет на Движењето против говор на омраза за Македонија и ги користи своите капацитети за промовирање на активностите на кампањата, за спротивставување на говорот на омраза и залагање за слободата на изразување.

Во 2012 година, како дел од иницијативата против говор на омраза основана заедно со Младинскиот образовен форум, Реактор и Центарот за нови медиуми, Метаморфозис организираше работилница со повеќе од триесет претставници на медиумите, невладините организации и активисти поддржана од Советот на Европа, што претставуваше предвесник на активностите во Македонија за поголем број невладини организации.

Во февруари 2014 година, Движењето против говор на омраза – Советот на Европа учествуваше на конференцијата е-Општество.мк за млади и медиуми (seeyouthmedia.org), организирана од Метаморфозис и Младинскиот образовен форум, како дел од проектот „Млади и медиуми“, вклучувајќи 11 земји од Југоисточна Европа и над 400 директни учесници, обезбедувајќи поголема видливост на движењето, како и можност за локални активности на клучните засегнати страни против говорот на омраза.

Во декември 2014 година, Метаморфозис ја организираше десеттата меѓународна конференција e-Општество.мк „Човековите права на интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет”, на којашто присуствуваа над 140 учесници од сите општествени сектори, овозможувајќи видливост, зголемување на свеста и вклучување во мрежата против говор на омраза.

Тимот на Метаморфозис ја презентираше работата и можностите за борба против говорот на омраза на настани организирани од трети страни, а во најважните такви настани во 2014 година спаѓаа Националната конференција против говор на омраза организирана од ОБСЕ и Агенцијата за млади и спорт на РМ во Скопје во мај и конференцијата на ОБСЕ против говор на омраза во Приштина, Косово, во јуни.

Во втората половина на 2014 година, Метаморфозис во соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) ја спроведе промотивната акција насловена „Час по приватност“ наменета за распространување на знаењето за човековите права, вклучувајќи ги приватноста, слободата на изразување и борбата против говорот на омраза. Промотивната акција се спроведе на територијата на Град Скопје, преку јавни презентации во 21 средно училиште, распространување на уште едно издание на печатени водичи, постери, флаери и нивно поставување во сите автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП – Скопје).