Анализа на механизмите за спречување и заштита од дискриминација во Македонија

Анализата за механизмите за заштита од дискриминација во Р. Македонија е резултат на соработката меѓу МЗМП и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), а има за цел да ја процени ефикаснота на постојните механизми за спречување и заштита од дискриминација во Македонија бидејќи по три години од усвојувањето на ЗСЗД не е спроведен сепфатно истражување на оваа тема.

Во рамките на проектот „Акција против дискриминација“, поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и УСАИД – Македонија извештајот има за цел да изведе суштинска анализа за постојните механизми за заштита од дискриминација предвидени со ЗСЗД, со посебен фокус на нивната ефикасност, капацитети, методи, пристап и сензибилитет при справување со предмети од областа на дискриминацијата (преку практиката), како и развивање на конкретни заклучоци и препораки за релевантните институции директно инволвирани во заштитата од дискриминација, во однос на нивното натамошно унапредување и поефикасно работење при спроведувањето на националното законодавство од областа на недискриминацијата, и воопшто, заштитата на уставно загарантираните човекови права и слободи.

Дискриминацијата како глобален феномен има негативен ефект врз сите аспекти од животот на човекот. Таа води кон ексклузија, маргинализација и дехуманизација. Уставот на Република Македонија како norma normarum и гарант на основните слободи и права, го издигнува начелото на еднаквост на највисоко ниво. Начелото на еднаков третман и недискриминацијата претставуваат камен темелник на основните права и вредности врз кои се заснова денешната ЕУ и истите се идентификувани како суштински од страна на најголемиот број меѓународни организации и правни инструменти.

Предмет на Законот за спречување и заштита од дискриминација е спречување и заштита од дискриминација во рамките на остварувањето на уставно загарантирани права, законот и меѓународните ратификувани договори. Дополнително, законот ги набројува основите на дискриминација, случаите во кои законот се применува, содржи дел од терминологијата која се применува, формите на дискриминација и дозволените исклучоци. Дополнително, законот содржи и одредби кои се однесуваат на структурата и функционирањето на Комисијата за заштита од дискриминација, ја објаснува постапката за заштита од дискриминација, и одредува казнени одредби во случај на прекршување на законот.

По неколкугодишен исцрпувачки долг процес на пишување, коментирање и измени на текстот на предлог Законот за спречување и заштита од дискриминација на голем број тркалезни маси, консултативни седници и сесии на работни групи, Парламентот на РМ конечно го донесе законот во 2010 година со одложена примена на истиот од 1 јануари 2011 година. Законот беше донесен како резултат на:

1. Потребата за зајакнување на заштитата од дискриминација во РМ поради недостаток на соодветна законска рамка која експлицитно ја таргетира оваа проблематика;

2. Неопходноста за усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ од областа на недискриминацијата како дел од агендата за приближување на РМ кон Европското семејство;

3. Притисокот кој беше наметнат од страна на домашни и меѓународни организации со цел за креирање на соодветно законско решение во оваа област; Иако законот, како lex specialis, претставува еден исчекор напред и солидна основа за успешна заштита од дискриминација, истиот беше подложен на сериозни анализи и силни критики од страна на меѓународната заедница бидејќи беше окарактеризиран како закон кој не е во целост усогласен со директивите на ЕУ и закон кој не ги исполнува некои од основните стандарди за сеопфатна ефикасна заштита на човековите права.

Наслов: Анализа на механизмите за спречување и заштита од дискриминација во Република Македонија
Година на издавање: 2013
Издавач: Македонско здружение на млади правници
Уредник: Назиф Авди
ISBN 978-608-65401-4-2

Книгата можете да ја преземете

You may also like...