Колумна: Омраза – патот кој не те води никаде!

Замислен, погледот ми запрел на прозорецот, го гледам наспроти себе градот задушен во смог и атмосферата која ти дава чувство на тмурност, лисјата се веќе паднати, напати поминува по некое возило, пејсажот ти дава застрашувачко чувство, едно од оние чувства во кои омразата ги обзела сите, а надежта за овој свет е замрена. Моите мисли се соединуваат со пејсажот и размислувам за луѓето, подбивањата, потсмевањата, лошите зборови…

Да зборуваш за омразата не е воопшто лесно, не затоа што е непозната тема, туку затоа што е нешто толку актуелно и болно. Тоа е нешто што го доживуваме на улица, на телевизија, на социјалните мрежи, во училиштата и во секој друг животен простор; претставува дел од нашето секојдневие. Но, што мислите, од каде потекнува сета оваа омраза за луѓето кои се исти како нас, живеат во истиот град, учат во истите училишта како и ние, ги грее истото сонце, ги навлажнува истиот дожд, вдишуваат на исто место како и ние; тогаш, зошто треба да постои сета оваа омраза?

Прво нешто што ми паѓа напамет во овие мигови се зборовите на добро познатиот Нелсон Мандела: “Никој не се раѓа мразејќи друг човек поради бојата на неговата кожа или потеклото или верата. Луѓето треба да научат да мразат, а доколку еден човек може да научи да мрази, тогаш тој може да научи и да сака; љубовта влегува во срцето на човекот многу поприродно, отколку спротивното на неа”. Но, зошто може едно суштество да се води од толку негативни емоции, кога може да пренесува добрина и љубов? Како се раѓа омразата кај човекот? Нели сме родени сите од мајки кои нè хранеле со добрина и нè израснале со чувство за љубов кон сите?!

Едно нешто е јасно. Сите се раѓаме невини и немаме предрасуди за никого, немаме лоши мисли и сите ги сметаме за еднакви, додека во нашиот ум се наметнува некој кој ќе нè подучи за тоа што е погрешно, а што правилно.

Говорот на омраза станува сè поактуелен, може да видиш многу јавни личности кои ѝ се обраќаат на одредена група на луѓе со навредливи изрази, нарекувајќи ги црни, бели, смрдливи, христијани, исламисти, терористи. А уште поболен е фактот дека доколку јас речам некому дека е црн, тоа нема да ја направи поубава бојата на мојата кожа, а ниту пак на другиот нема да му ја смени бојата! Доколку некој ме нарече муслиман, нема да ме присили мене да ја сменам мојата религија, туку само ми буди вознемиреност и ме мотивира уште повеќе да се борам и да им овозможам на другите да ме запознаат подобро, да сфатат кој сум и да ме ценат за тоа што сум, а не за тоа што тие мислат дека сум.

Како идеалист, секогаш ќе се борам за идеали. А еден од тие идеали е и слободата на изразување. Среќен сум што живеам во општество со демократски вредности, каде секој има право слободно да ги изрази своите убедувања и своите идеали. Но, секогаш ќе бидам против потценување на достоинството, убедувањето или идеалите на другите, затоа што, над сè, верувам во еднаквост и еднообразност на сите луѓе во светот.

Кај човекот постојат две чувства кои се премногу силни, а тоа се љубовта и омразата. Кога едната страна се конзумира повеќе, тогаш и другата собира сила. Нам, не дека ни преостанува да кажеме уште многу, знаејќи дека хероите на човековата филозофија како што се Хуго, Достоевски, Толстој и други, со нивните идеи имаат навлезено во сржта на современиот човек и со нивните остроумни и логични дефиниции ги имаат надминато човечките идилики. На извесен начин, сè е кажано, а нам ни преостанува само да ги спроведуваме животните правила, а всушност, само толку и може да направи човекот.

Да се оддалечиме од омразата и да се научиме да сакаме, да ги прифатиме другите онакви какви што се, да научиме да ги сакаме другите за да се сакаме себеси, да ги почитуваме правата на другите и нивните убедувања. Сметам дека чувството како што е омразата владееше долго време. Сега веќе дојде времето на љубовта, која треба да процути меѓу нас.

Мислите станале како кошница со пчели кои се премногу гласни во мојот ум, многу слики на омраза циркулираат низ главата, тешки зборови кои се искажани и се во мислите, со селективна пинцета се обидувам да ги одвојам лошите од добрите. Се трудам да изградам ѕид меѓу нив, за да ги одвојам јасно и сфаќам дека тоа е безуспешно. Не постои ѕид кој може да ја одвои омразата од љубовта, таа моќ ја има само човекот и неговата огромна љубов, затоа што тој, можеби не може да направи сè, но може да направи многу кога го прави тоа со многу љубов.

Блерим Салихи, волонтер во Мултикултура, Тетово

Извор: Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија; (29.11.2016), Колумна: Омраза – патот кој не те води никаде!

You may also like...