ЗНМ: Реакција за анкетата на Вест и Вечер

Објавено во п

Здружението на новинари на Македонија е разочарано од злоупотребата на медиумите од дневните весници Вест и Вечер за дискредитација на новинарите по полова припадност и сексуална ориентација. Ваквото однесување е непрофесионално и неетичко новинарство со кое во очите на јавноста се омаловажуваат новинарите и новинарската професија.

ЗНМ смета, дека анкетата на Вест со наслов „Која водителка без гаќи пред Груевски“ со која во сензационалистички стил и без никаков јавен интерес, јавните личности непотребно се ставени во замислена непристојна ситуација. Со тоа се потценуваат новинарките и останатите јавни личности при тоа третирајќи ги како сексуални објекти.

Јавното повикување на јавноста да учествува во откривањето на хомосексуалци меѓу новинарите од весникот Вечер претставува јавна дискредитација на новинарите и дискриминација по сексуална определба. На тој начин се поттикнува говор на омраза против хомосексуалците и се нарушува приватноста на новинарите.

Бараме од колегите да третираат теми кои се битни за јавниот интерес на граѓаните а не да се водат од сензационалистички мотиви што води кон таблоидизација на македонските медиуми.

Потсетуваме дека Кодексот на новинарите утврдува етички принципи според кои новинарите треба да ја негуваат културата на говорот и етиката и да не применуваат несоодветна комуникација во јавноста. Освен тоа, тие се обврзани да го чуваат угледот и достоинство на професијата, да поттикнуваат на солидарност и да не ги користат медиумите за лична пресметка.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

You may also like...