Реакција за инцидентот на македонските новинари во Брисел

Објавено во

Здружението на новинарите на Македонија се оградува и го осудува однесувањето на новинарите кои вчера во Брисел на панел-дискусија за состојбите во новинарството во Македонија целосно ја посрамотија и дискредитираа професијата. Наместо дебата и дискусија за подобрувањето на состојбите, две групи новинари се потрудија да ја дисквалификуваат работата и активностите на ЗНМ водејќи се од лични и други интереси спротивни на интересите на новинарите во Македонија. Потенцираме дека ниеден од колегите кои вчера беа во Брисел минатата недела не учествуваше на дебатата на ЗНМ за состојбата на медиумите. Нивната намера не е да се подобрат состојбите, туку да се опструираат напорите на Здружението.

Потсетуваме дека двете групи на новинари кои излегуваат со есктремни спротивставени ставови, не ја одразуваат реалната состојба на медиумите и новинарството, туку претставуваат исполитизирани ставови за слободата на медумите. ЗНМ смета дека ваквата состојба е резултат на партиско новинарство која во Македонија се развиваше во изминатите дваесет години. Кавгите и скандалите не одат во прилог на новинарите, туку на политиката. Најголемиот дел од новинарите во Македонија не ја подржуваат ваквата поделеност и затоа ЗНМ не сака да учествува во политичката борба за превласт во медиумите.

За жал, најголем дел од овие наши колеги се дел од проблемот на македонското новинарство и не можат да бидат дел од решението. За нас, овие скандали се очајнички обид да се одржи состојбата на „статус кво“ во новинарството, од кое најмногу профитираат овие колеги. ЗНМ нема да дозволи мала група на новинари да претстави во јавноста погрешна слика дека виновни за лошата состојба на медиумите се самите новинари. Најодговорна за овие состојби е актуелната власт, но од одговорност не можат да се амнестираат и сите досегашни влади.

ЗНМ го осудува однесувањето на европратеникот Јоргос Шацимакакис, кој вчера на дебата за состојбата на медиумите во Македонија организирана во Европскиот парламент навреди македонски новинари со погрдни зборови. Сметаме дека европратеникот Шацимакакис треба да се однесува со почит кон македонските новинари како што се однесува кон секој европски новинар. Исто така, ЗНМ потенцира дека и македонските новинари треба да се однесуваат согласно етичките стандарди на Кодексот на новинарите.

За нас е неприфатливо што при известување за овој настан новинарите користат меѓусебни дисквалификации и навреди и говор на омраза. Исто така за осуда се и повиците за линч на новинари заради сопствените ставови. Тоа е суштината на слободата на изразувањето луѓето да го кажат нивното мислење без да трпат последици. ЗНМ смета дека проблемите на медиумите и новинарите се решаваат во Македонија, а меѓунардоните институции можат да го помогнат процесот. Според нас, најдобар начин да се решат проблемите е да продолжи започнатиот дијалог меѓу ЗНМ и другите професионални здруженија со државните институции.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

You may also like...