Толерирањето говор на омраза го попречува интегрирањето на Македонија во ЕУ

Активисти кои се залагаат за заштита на човековите права на 06.11.2014 г. протестираа пред Основното јавно обвинителство во Скопје барајќи отчет од надлежните државни институции во врска со неказнувањето на злосторства поврзани со говор на омраза. Таа состојба е наведена како проблем и во извештајот на Европската Комисија за Македонија.

Транспаренти од протестот пред Јавно обвинителство „Истрагата е во тек... до кога!?“. Фото: В. Џамбаски. CC BY-NC-SA.

Транспаренти од протестот пред Јавно обвинителство „Истрагата е во тек… до кога!?“. Фото: В. Џамбаски. Дел од фотогалерија објавена под Криејтив комонс. CC BY-NC-SA.

Во извештајот за напредокот на Македонија Европската Комисија објавен на 08.10.2014 г. експлицитно го наведува говорот на омраза и злосторствата од омраза кон ЛГБТИ-заедниците како горлив проблем, а како дел од проблемот го наведува и недостатокот јавни информации и евиденција за спроведувањето на законите од страна на надлежните институции во ваквите случаи.

Што се однесува до правата на лезбијките, хомосексуалците, бисексуалците, транссексуалците и интерсексуалците (ЛГБТИ), насилните инциденти против Центарот за поддршка на ЛГБТИ не се повторија. Сепак, сторителите на овие инциденти допрва треба да бидат кривично гонети. Потребни се значителни напори за да се подигне свеста и да се почитуваат различностите во општеството и да се неутрализира нетолеранцијата која се шири преку медиумите и социјалните мрежи. Податоците за пријавување, истрага и гонење на говор на омраза и дела од омраза не се собираат систематски, а треба да се зајакне и обуката за органите за спроведување на законот, обвинителите и судиите. Законот за спречување и заштита од дискриминација сè уште треба да се усогласи со правото на ЕУ, затоа што не забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација.

Две недели по објавувањето на Извештајот, на 23.10.2014 г. во кафулето Дамар во Старата чаршија во Скопје, организирана група маскирани насилници ја нападна прослава организирана од ЛГБТИ центарот за поддршка.  Овој напад беше шести од тој вид во последните две години. Центарот упати јавно барање за осуда на насилството и казна за насилниците (мк, en). Ова барање беше поддржано и од дел од дипломатскиот кор, како и меѓународните институции Фронтлајн дефендерс (en, mk) и Амнести интернешнал (en, mk).

Од надлежните нема официјален одговор, а на денот на протестот јавниот обвинител Марко Зврлевски изјави дека не  известен колку такви случаи имало и кога се случиле (Плус инфо, Нова ТВ, Радио МОФ, ТВ Телма).

Оригиналната верзија на извештајот за напредокот на Македонија на англиски (пдф) е објавена од страна на Европската Комисија, додека Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија објави некомплетни преводи (без првите три страници со заклучоци и препораки) на македонски (пдф) и албански (ворд) јазик.

По објавувањето на Извештајот, Секретаријатот за европски прашања ги повика граѓанските организации да дадат свои мислења во врска со заклучоците и препораките на Европската Комисија, изнесени во последниот извештај. Фондацијата Метаморфозис во своето обраќање, поднесено до СЕП на 31.10.2014 г. меѓу другото посочи дека:

  • Особен проблем во областа на слобода на изразување е неказнивоста за говор на омраза, односно неспроведувањето на членовите 319 и 394-г од Кривичниот законик кој регулира создавање нетрпеливост и нетолеранција и преку средства за јавно информирање и преку компјутерски системи. Наспроти низата случаи на јавно ширење омраза, од кои некои се директно поврзани со физичко насилство, ЕК укажува дека нема јавни податоци за истраги и судски разрешници.
  • Неопходно е стриктно спроведување на Кривичниот законик, како и Законот за заштита на дискриминација, како основ за понатамошна борба и против говорот на омраза, но и против други негативни појави кои влијаат врз намалување на довербата на граѓаните и во медиумите и во институциите на системот.

 

 

 

You may also like...