ЗНМ: 2007.06.11 – Емисија за Мијаците на МТВ

Понеделник, 11 Јуни 2007 Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија, на состанокот одржан на 11.06.2007 расправаше за содржината на емисијата под наслов “Мијаците“ емитувана на 5 јуни 2007 година во рамките на општообразов-ната програма на МТВ 1. Станува збор за емисија во која му е даден 30 минутен простор на Петар Поповски авторот на книгата „Крваво досие“ каде тој, меѓу другото, за Гегите (Албанците) вели дека: „општопознато во науката и дефинирано, дека е тоа криминогена нација“.

Советот едногласно заклучи дека во овој случај, под маската на презентирање на „научна студија“ и е даден публицитет на една несомнено шовинистичка теорија која шири омраза и етничка нетрпеливост, што е за најостра осуда. Шокира фактот што таква содржина нашла свое место во програмската шема на јавниот сервис, и згора на тоа во образовна програма, а особено податокот со кој Советот располага дека ова не е прв пат „теоријата“ на Поповски да биде изложувата на програмата на МРТВ.

Советот на честа при ЗНМ бара од раководството и од Програмскиот Совет на МРТВ да реагира и јавно да се извини поради ваквиот пропуст, да ги повика на одговорност уредниците и новинарите кои учествувале во промовирањето на говорот на омразата во оваа и слични такви емисии и за тоа да ја информира јавноста. Во спротивно, ќе сметаме дека раководството на јавниот сервис стои, се согласува и ги промовира тезите и јазикот на омразата содржани во книгата „Крваво досие“.

Воедно, Советот на честа апелира и до надлежните институции како што е Државниот обвинител и Советот за радиодифузија да преземат соодветни мерки за санкционирање на оние кои заговараат етничка омраза и расизам (предвидено со член 69 од Законот за радиодифузна дејност). Говорот на омразата не е манифестација на правото на слободно информирање, туку негова злоупотреба и негација. Советот бара од сите колеги новинари да му се спротивстават на говорот на омразата во сопствениот медиум без оглед дали станува збор за уредувачка политика, за гостин во студио, или за слушател/гледач кој се јавува во контактна емисија.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија. 11.06.2007.

You may also like...