Закани со насилство за Лезбејскиот пикник во Скопје

Во рамки на Неделата на гордоста, организацијата Лезфем, за попладнево во Градски парк најави дружба со музика, пикник, читање лезбејски кратки раскази и поезија како и работилница за изработка на стенсили и знамиња.

Веднаш штом на социјалните мрежи се објави најавата за „Лезбејски пикник“, овој настан беше бомбардиран од голем број на закани со насилство, говор на омраза и предупредувања да се откаже настанот.

Активистките немаат намера да го откажат настанот и се надеваат дека полицијата овојпат ќе ги заштити, за разлика од други настани на ЛГБТИ заедницата кога беа изложени на брутално насилство.

– Покрај сите други активности на Неделата на гордоста, дебати, разговори, работилници, протестни обраќања пред владата, обвинителството и МРТ, имаме и лезбејски пикник и тоа е единствениот настан кој доби напад. На најавата на настанот на фејсбук, добивме невидено насилство, узурпирање на тој простор каде се обидуваме да промовираме феминистички вредности, птоа закани и повикување на директно насилство врз нас. Секоја од тие пораки се преполни со говор на омраза., вели Билјана Гинова активистка.

За настаните што се одржуваат во рамки на Неделата на гордоста, полицијата е уредно информирана, а за овој конкретен настан поднесени се дополнителни пријави за закани со насилство.

– Претпоставувам дека ќе дојдат во поголем број и ќе не заштитат за разлика од почетокот на Неделата на гордоста пред две години, кога не успееја да не заштитат и бевме жртви на насилство. Настанот ќе го одржиме зашто не смееме да потклекнуваме на насилството и заканите што ги трпиме секојдневно. Овие се можеби повидливи закани, но ние како активисти речиси секој ден добиваме закани со говор на омраза во приватни пораки. Мислам дека единствен начин да се спротивставиме на тоа насилство е да се задржиме во јавниот простор и само така ќе имаме можност да ги промовираме феминистичките вредности во кои веруваме, рече Гинова.

Извор: a1on.mk (25.06.2015). Закани со насилство за Лезбејскиот пикник во Скопје 

You may also like...