Град Скопје спонзорира настани што промовираат хомофобија
Постерот за најава на „Мото-фестивал 2015“, чиј официјален и главен покровител е Град Скопје, повторно го содржи хомофобичниот симбол – знак од двајца мажи во сексуална поза пречкртан со црвено – како индекс за забрана, ставен веднаш покрај забраната за присуство на сатанисти (симболички обележано со 666) и за носење животни, оружје, ножеви и запалливи материјали.
Од Градот велат дека во постапките за доделување средства за невладините организации, се води сметка апликациите на учесниците на конкурсите строго да ги почитуваат критериумите и основните права на сите заедници, малцински и маргинализирани групи.
– Овој принцип е испочитуван и во случајот на „Ноќните волци“, кои аплицирале со афирмативен проект, во кој со ништо не најавуваат активности што се спротивни на критериумите и основните принципи за заштита на човековите права. Град Скопје, доколку се утврди дека некои од проектите имаат дискриминативен карактер, се оградува од нив и во иднина ќе го преиспита пристапот до средства од буџетот за организациите што не ги почитуваат критериумите и принципите – велат од Град Скопје.
Но, од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, која во својата реакција најостро ги осудува тенденциозното ширење говор на омраза, хомофобијата и дискриминацијата од организаторите на „Мото-фестивал“ и од Град Скопје како официјален и главен покровител на настанот, велат дека иста ваква ситуација имало и во 2010 и во 2011 година.
„Во тие пригоди, Коалицијата реагираше и до Народниот правобранител и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по што Народниот правобранител го опомена Градот Скопје. Но и покрај тоа што Градот им се извини на сите граѓани поради дискриминаторските пораки и се обврза на идно спречување на дискриминација, оваа година можеме да заклучиме дека изјавата и намерите на градот биле неискрени и лицемерни. Јасно ни е дека организаторите на овој фестивал покажуваат целосно отсуство на основните цивилизациски придобивки и почитувањето на човековите права на сите, но сметаме дека е апсолутно недозволливо Градот Скопје, со пари кои ги собира од даноците на сите нас, граѓаните, да ја продолжува оваа хомофобична и дискриминаторска практика“, пишува во реакцијата на Коалицијата.
Тие бараат Град Скопје веднаш да го повлече спонзорството на фестивалот и да им се извини на сите граѓани директно навредени и дискриминирани со ваквите содржини. Дополнително бараат Градот да преземе афирмативни и директни активности со кои ќе ги покаже своите заложби за недискриминација и за почит и за толеранција кон ЛГБТИ-граѓаните. Коалицијата повикува на јавен бојкот на фестивалот и најавува тужби и претставки против организаторите и против Град Скопје.
Реакција на спонзорирањето на овој настан имаат и од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Велат дека секој трет граѓанин во Скопје има миленик или пак се гржи за миленик, и прашуваат зошто Град Скопје поддржува настани кои ги дискриминараат љубителите на животни.
– Градот Скопје со наши пари поддржува фестивали и настани кои не дискриминараат, тоа е страшно – велат од „Анима Мунди“.
Извор: Мета.мк (10.06.2015); Град Скопје спонзорира настани што промовираат хомофобија