ЗНМ прашува зошто говорот на омраза во дебатните емисии не се санкционира
На 24 септември 2014 Агенцијата за медиуми организираше работилница на тема Презентација на Водичот за мониторинг на „говорот на омраза“. На овој настан говореше М-р. Јелена Сурчулија Милојевиќ, странски експерт по медиумско право а присутни беа членовите на Агенцијата како и претставници од медиумите и граѓанските организации.
Претставник на ЗНМ јавно ги упати следните две прашања:
Ценејќи дека во Македонија во последно време има тенденција на зголемена употреба на говор на омраза во дебатните емисии во националните медиуми вклучително и во емисии каде гостуваат високи владини функционери а за кои нема соодветна реакција од страна на регулаторот, претставникот на ЗНМ праша:
- Дали е пракса во Европа пред емитувањето на ТВ дебата да има најава/соопштение дека медиумот на кој се прикажува дебатната емисија се исклучува од одговорност за евентуално прекршување на законите вклучително и од говорот на омраза, од страна на некој од гостите или водителите?
- Второ, во случај да постои таква пракса, која е реакцијата на регулаторните тела во други земји?
Странскиот експерт кратко одговори дека медиумот не може да сам се исклучи од одговорност за говор на омраза во рамките на дебатни емисии ниту за било кој друг дел од програмата. На второто прашање експертот одговори дека е пракса регулаторите повикувајќи се на националното законодавство да покренат постапка доколку се констатира елементи на говор на омраза.
Извор: Здружение на новинари на Македонија. (25.09.2014). Не се казнува говорот на омраза во медиумите.