ЗНМ: 2009.12.18 – Реакција на објавување списоци на „предавници“

Петок, 18 декември 2009 – Советот на честа при ЗНМ застанува во одбрана на новинарската професија и најостро ја осудува се позачестената пракса на неаргументирано етикетирање на новинари како „предавници“ само затоа што некои нивни ставови не се совпаѓаат со ставовите на одредени групи или центри на моќ. Конкретно, во текстот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ со наднаслов „Владата под општ притисок“ објавен на 18. 12. 2009. во весникот Вечер во кој е наведен список на луѓе, јавни личности и новинари -прогласени за платеници за ширење на пропаганда „со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјава“ .

Повикувајќи се на списокот на Вечер и ТВ Сител новинар на извесна агенција МИНА новинарката Валентина Трајковска оди и чекор подалеку. Таа исто така објави подолг список на македонски медиуми и новинари кои биле платени од грчката влада да поддржат каков и да е став на Атина за името, истовремено обвинувајќи ги дека „хистерично дезинформирајќи ги со писма организациите на ЕУ за тоа колку е лоша македонската влада кон својот народ и кон своите соседи“ при што некои од нив „одат дотаму што возат автомобили со грчки регистарски таблички“.

Сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.

Посочените текстови се во директна спротивност со членот 10 од Кодексот на новинарите , како и од членот 7 и 8 од Универзалната Декларација за однесување на Меѓународната федерација на новинарите како и сите Кодекси и правила на професијата – забрануваат говор на омраза и кршење на човековите права и дискриминација меѓу другото и врз основа на политички или друг став. Станува збор за кршење на основниот принцип на новинарскиот ангажман кој секогаш треба да биде насочен кон градење на демократијата, промоција на толерантноста, почитување на човековите права и достоинството. Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам. Советот на честа не може немо да набљудува како новинарството станува алатка во рацете на бескрупулозните пропагандисти кои преку медиумите се пресметуваат со неистомислениците или со критичарите на актуелната политичка гарнитура. Советот на честа смета дека му е должност да го заштити угледот на професијата и апелира до сите професионални новинари да се солидаризираат со колегите кои се ставени на листа „за отстрел“ и изложени на јавен линч безоглед дали ги делат нивните ставови и мислења. Степенот на толеранција и демократичност на медиумите е прв показател за демократскиот капацитет на едно општество, поради што зачестената појава на прогласување на предавници и нивен јавен линч не остава простор за оптимизам за состојбите во нашата професија.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

You may also like...