За Бугарија во македонските медиуми – сѐ негативно!

nenad

За Бугарија во македонските медиуми – сѐ негативно!

Во македонските медиуми главно нема говор на омраза кон Бугарија, но лингвистички, за Бугарија се пишува пежоративно, открива д-р Ненад Живановски во својот труд „Говор на омраза – теоретски преглед и додаток истражување Бугарија во македонските медиуми“. Од анализираните 649 новинарски текстови во македонските медиуми Живановски идентификувал говор на омраза во 6 текста, но и покрај тоа, негативниот наратив за Бугарија не е воопшто за занемарување.

– Мислам дека стереотипот од времето на Југославија кој постоеше кај мнозинството Македонци со потценување да гледаат кон нашиот источен сосед сѐ уште е витален. Така, од 649 текстови дури во 392 беше утврден негативен став. Јас не се занимавав толку со квалитативна анализа на содржина, па да навлезам во мотивите на авторот зошто му е таков ставот, веројатно во многу текстови и би имало причина ако тие се како последица на некоја изјава дојдена од бугарска страна за нивниот негаторски однос кон нашиот народ. Меѓутоа, впечаток е дека во периодот на истражувањето, Бугарија не беше многу популарна во нашите медиуми – објаснува Живановски.
Неговото истражување се однесува на периодот јуни 2010 до август 2011. Ова е прва теоретска книга за говор на омраза објавена во Македонија.
– Нештата не се црно-бели, ниту кога е во прашање говорот на омраза во западното општество, кое често пати го идеализираме дека е супериорно и безмалку библиски безгрешно. И таму има, и тоа колку, случаи за недоследност и селективност во примената на законската регулатива кога е во прашање говорот на омраза. Другиот стереотип кој се обидов да го демистифицирам е и тоа дека ниту нашите соседи Бугари се толку лоши, како што беа претставени во македонските медиуми во периодот на моето истражување, ниту пак и ние сме добрите баш секогаш и за сѐ. Во општествените процеси нештата се изнијансирани, меѓу црното и белото има цел спектар од бои. Јас со моето дело не сакав ништо да им сугерирам на читателите, туку само им понудив на увид дел од фактите кои покажуваат дека нема идеално лоши и идеално добри страни – објаснува Живановски.
Тој сугерура дека треба да се види кој говори со јазикот на омразата и тогаш ќе ни стане јасно кој профитира од него.
– Тоа се таканаречените опинион мејкери блиски до власта или јасно декларирани како нејзини апологети. Тие во својата „мисија“ која ја остваруваат, јасно знаат кого и зошто треба да го целат со својот говор на омраза. Главната опасност за загрозување на привилегиите на власта доаѓа од опозицијата и критички ориентираната интелигенција и затоа тие се примарно во фокусот на нивниот говор. Реалниот противник треба да се дискредитира, или уништи уште во зародиш, на самиот почеток да не му се дозволи да се наметне во јавноста со свои идеи како можна алтернатива на власта и од тука тој е под постојана пресија од говор на омраза – заклучува тој.

You may also like...