Зврлевски ја прими кривичната против Миленко од група новинари
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски денеска ја прими кривичната пријава против Миленко Неделковски за поттикнување насилство која денеска на прес конференција информацијата му ја доставија новинарите Биљана Секуловска, Бранко Героски, Ацо Кабранов, Петрит Сарачини, Борјан Јовановски, како и политичарот Нано Ружин. Кривичната пријава доаѓа откако Миленко Неделковски вчера во колумна објавена на проталот Дудинка напишал дека посочените се предавници на државата и дека доколку институциите не се справат со нив, тоа ќе мора воинституционално да го стори народот.
Зврлевски рече дека доставувањето на колумната до него е доволно за кривична пријава и истакна дека тие од овој момент може да сметаат дека истата е примена.
-Ова ќе го третираме како примена кривична пријава и ќе и дадеме третман како секоја друга кривична пријава. Ова ќе го доставиме до надлежното јавно обвинителство согласно законите и ве уверувам дека ќе постапиме стручно, професинално и непристрасно, рече Зврлевски пред десетици присутни новинари и сниматели на денешната прес конференција.
– Ако го прочитате текстот ќе видите дека се повикува на линч на јавни личности, се повикуваа и на линч на нивните семејства. Ова лице вели дека доколку институциите не се справат со нас, тогаш ќе се справел народот. Тоа е експлицитен повик на насилство – објасни пред обвинителот новинарот Петрит Сарачини.
„Сето тоа се куп на ПЕДЕРИ ШТО РАБОТАТ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРЧКАТА ВЛАДА И ГРЧКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ. Тоа се луѓе на кои треба да им се суди за велепредавство…Шлаемот се исплукува со р‘кање, гнојот се стиска и исфрла, чирот се отстранува хируршки. Со скалпел, со оштро сечиво.“ И понатаму: „Доколку Владата и институциите на државата не ги преземат мерките на кои законот ги обврзува, следниот чекор ќе е вонинституционално организирање на Македонците за да си го изметат својот двор..„Значи хируршки, со остро сечиво, чировите треба да се отстранат, гнојот да се истисне…Ние, на 27-ми сме дале мандат Македонија да ги истресе од себе овие вошки и крлежи. Но, доколку не сака (или не може) државата, тогаш народот си има свои методи.“ , напишал Неделковски.
Извор: Novatv.mk, 03.05.2014