Структурна дискриминација – кога државата е на погрешната страна (1)

3679563650_ba4c54fe85_b

Холандска кампања за поддршка на муслиманските жени: „Треба ли себеси да се оставите дома кога излегувате надвор“, вели написот. Нејзината цел е „нормализирање“ на присуството на традиционалната женска муслиманска шамија – хиџаб по улиците на градовите. Фото: Niriel

Кога индивидуа или институција постапува согласно со прифатените норми на одредена заедница во однос на конкретни групи (етнички, религиозни, возрасни, родови) со негативни последици за членовите на овие групи, може да претпоставиме дека станува збор за структурна дискриминација.

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Структурната дискриминација е специфичен вид на дискриминацијата. Вообичаено се манифестира низ, или се затскрива зад рутини, вообичаено однесување, општествено прифатливи постапки. Структурната дискриминација се повикува на правилата, нормите, рутините, моделите на однесување… Настапува во моментот кога последиците (резултатите) од примената на одредени правила на однесување, рутини, традиции, вообичаени практики и друго, создаваат услови во кои одредени луѓе (припадници на ранливи групи) не можат на еднаков начин со другите да ги остварат основните права и слободи.

Жртвите на структурната дискриминација многу тешко можат да ѝ се спротивстават или да се изборат за своите права. Во услови на постоење структурна дискриминација потребна е  активна улога на државата, која презема специфични мерки за да ги заштити жртвите, да ги обесштети и, пред сѐ, да создаде услови во кои луѓето ќе можат да ги практикуваат своите права и слободи независно од личните карактеристики.

Медиумите можат да имаат повеќекратна улога во однос на структурната дискриминација (негативна или позитивна):

  • Можат да паднат во нејзината стапица затоа што таа многу тешко се следи како намера за дискриминирање и да станат (свесно или несвесно) промотори на дискриминација;
  • Можат да ја идентификуваат и посочат со што ќе го одземат најмоќниот елемент на структурната дискриминација – невидливоста на дискриминаторскиот акт.
  • Можат да ја разобличат и директно да се вклучат во борбата со истата, односно, да им помогнат на жртвите.

Како се справуваат нашите медиуми со структурната дискриминација?

 

Етничкото профилирање како структурна дискриминација

Иако звучи апсурдно, еднаквиот третман на лица со различен статус да претставува или да води кон дискриминација, сепак токму тоа е најпроблематичната компонента на структурната дискриминација од аспект на нејзиното идентификување и изложување пред јавноста. Со други зборови кажано, примената на истоветни правила може да доведе до продлабочување на веќе постоечка дискриминираност на одредена група.

Ова се случува тогаш кога во однос на луѓе, кои се веќе поставени во понеповолна положба (заради историски/традиционално присутна дискриминација, или како резултат на општо прифатено однесување базирано на долготрајно постоечки стереотипи и предрасуди), се применуваат неутрални норми (еднакви за сите).

Во таква ситуација многу тешко може да се надмине веќе постоечкиот јаз создаден со претходната дискриминација. Уште повеќе, последиците на одредени правила, норми или однесување (кои не значат и прекршување на законите) можат да имаат поголем негативен ефект врз одредени групи, отколку за други.

На пример, новите законски промени во Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија имаат видливо поголемо влијание врз припадниците на ромската заедница отколку врз припадниците на другите заедници. Во медиумите се дава врската меѓу оваа промена и поставеноста на припадниците на ромската заедница, меѓутоа промената не се адресира како можен извор на структурна дискриминација. На пример, под насловот “Ромите одат во Германија на азилантско „зимување“ е дадена изјавата на министерката за внатрешни работи според која

Одземање издаден пасош, одбивање за издавање пасош или виза во рок од една година и други мерки се предвидени во измените на Законот за патни исправи за да се спречи злоупотребата на визната либерализација – изјави Јанкуловска на оваа средба.

По зачестените контроли, изјави таа, бил утврден профилот на т.н. „лажни“ баратели на азил.

Во медиумите не е направена анализа што значи во пракса примената на оваа нова одредба за припадниците на различни етнички заедници (и посебно на Ромите) и дури и не се поставува прашањето за еднаква заштита на сите граѓани на Република Македонија од можна дискриминација на која се изложени во некоја друга држава. Напротив, судејќи по насловот, очигледно создадениот „профил“ значи дека одредбата, пред сѐ, се однесува на Ромите и дека се создава ситуација во која секој Ром потешко ќе добие излез од државата (ќе биде изложен на поголем број проверки, полесно ќе му биде одземена патната исправа, односно, полесно ќе му биде изречена мерка забрана за излез од државата), отколку припадник на друга етничка заедница.

 

Државата ги „решава“ дилемите на жената – мајчинство или кариера

Уште поспецифична е ситуацијата кога навидум позитивни мерки, насочени кон конкретна ранлива група, можат да резултираат во продлабочување на структурната дискриминација.

На пример, иницираната мерка со која на мајките би им се овозможило користење на три месеци неплатено отсуство за нега на дете (до тригодишна возраст), може да претставува мерка која поддржува структурна дискриминација, меѓутоа, многу мал број медиуми ја адресираат како таква. Во најголем број од медиумите едноставно е пренесена иницијативата на министерот за труд и социјална политика, без натамошна анализа од аспект на влијанието кое една ваква мерка (на начинот на кој е презентирана) може да го има врз остварувањето на родовата рамноправност. Имено, замената на родителското право, со право на мајката, без друго образложение освен тоа дека

… на мајките децата им се приоритет …

создава услови за натамошно продлабочување на разликите во вработеност меѓу мажите и жените, разлики во висината на примањата и разлики во можноста за кариерно напредување.

 

Со забрана на абортусот државата директно удира врз здравјето на жената

Интересен облик на структурна дискриминација претставува селективното прикажување на информациите поврзани со примената на одредени правила (што оневозможува споредување на нанесената штета, а води кон дезавуирање на борбата против одреден вид дискриминација). Таков е примерот со веста под наслов “Хомосексуалци, феминистки и про-абортус активисти нападнаа црква и христијански верници“ дадена од Сител ТВ:

Со навреди, плукања и физичко насилство спрема верниците толпата реагираше против ставот на црквата по прашањето за абортусот и истополовите бракови.

Никој од верниците не врати со иста мера.  

Видеото е сосема коректно пренесено и информацијата се однесува на конкретниот настан, дури е и директно копирана од странски известувачи. Меѓутоа, извадена од еден поширок општествен контекст на случувања, оваа информација промовира и поддржува  структурна дискриминација.

Имено, од веста е испуштена информацијата дека веќе подолго време се води борба за декриминализација на абортусот во Аргентина (кој е забранет, освен кога станува збор за здравјето на жената и, со последните измени, доколку бременоста е резултат на силување). Според одредени извори

Во исто време, бројот на абортуси е многу висок. Со над 500000 абортуси годишно, аргентинскиот закон секојдневно претвора илјадници жени во криминалци.

Според истите извори, самата аргентинска власт претпоставува дека над 30% од смртните случаи кај мајките се поврзани со илегалните абортуси (што е три пати поголема смртност од светскиот просек од 10%). Уште повеќе, дел од ултра-католичките групи за живот бараат менување на легислативата која овозможува бесплатна контрацепција и давање на пилула утрото после сексуален однос.

Прикажувањето само на едната страна од приказната ја подгрева структурната дискриминација кон луѓето со нехетеросексуална определба, феминистките и сите оние кои го застапуваат правото на жената да решава за сопственото тело. Ако се погледнат двете страни на „приказната“, не станува веќе збор за од ништо неиспровоциран акт на насилство од страна на една група врз друга, туку за жежок проблем кој зад себе има реални жртви (стотици мртви жени).

 

Традицијата и религијата не можат да бидат оправдување за  структурната дискриминација

Кога индивидуа или институција постапува согласно со прифатените норми на одредена заедница во однос на конкретни групи (етнички, религиозни, возрасни, родови) со негативни последици за членовите на овие групи, може да претпоставиме дека станува збор за структурна дискриминација.

Вообичаеното однесување е составен дел на структурната дискриминација. Таа се базира на традиција, религија и социјална прифатливост на одреден вид однесување. Клучен аргумент зад кој се крие структурната дискриминација е дека тоа е начинот на кој секогаш се постапувало (од века), начинот кој е прифатен од мнозинството, начинот на кој сите се однесуваат.

Нашето историско наследство, поткрепено од гласот на мнозинството, го затвора кругот на дискриминацијата базирана на вообичаено однесување. Неказнивоста е тесно поврзана со структурната дискриминација – тогаш кога го правам она што го правеле моите родители, тоа што е зададено со мојата религија или постапувам како мнозинството, тогаш јас не правам ништо лошо и нема да бидам обвинета за ништо.

Како резултат на ова, на пример, голем број граѓани не го перципираат како дискриминирачки јавно искажаниот став на архиепископот Стефан под наслов “Истополовите бракови се вовед во распаѓање на семејството“ објавен на порталотАзбуката на градот:

Озаконувањето на истополовите бракови е вовед и предуслов за распаѓање на семејството како основна клетка на секоја цивилизација и општество, порачува Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан во своето Божикно послание.

Архиепископот г.г. Стефан порачува дека морална обврска на секој христијанин е да потсетува и да се обиде да ја спречи ерозијата на моралот и обесчестувањето на бракот и семејството.

Медиумот не посочува дека традиционалното семејство, религиозните норми и вообичаениот начин на однесување се ставени во функција не само на ограничување на одредени права на луѓето, туку и во функција на директно поттикнување на натамошна дискриминација (како морална обврска на секој прав верник).

(Продолжува) 

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 30.12.2013

You may also like...