Структурна дискриминација – кога државата е на погрешната страна (2)
Структурната дискриминација е опасна затоа што нејзините корени се во минатото, затоа што е кумулативна (составена од многу голем број помали дискриминирачки активности), затоа што е затскриена зад вообичаениот начин на однесување (па дури и зад навидум позитивно однесување), затоа што многу често настанува и тогаш кога не се прекршуваат законите
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
(Ова е втор и последен дел од анализата на проф. Д-р Мирјана Најчевска. Првиот дел беше објавен минатата недела, а можете да го најдете овде. Напомена: циатите се преземени во оригинал и не се редкатирани.)
Структурната дискриминација често се затскрива зад прикажување на одредена ситуација како фактичка (поткрепено со делумни вистини и бројки кои не можат да се проверат или се извадени од контекстот во кој се првобитно дадени).
На пример, под насловот “Раѓање“, навидум се нуди претставување на фактичка ситуација, која е општоприфатена и општо позната:
Не има се помалку. Да. Секоја година Македонците се на број помалку од минатата и се така по ред. Со години. Ако вака продолжи, за помалку од педесет години Македонците ќе паднат под половина од вкупното население во Македонија. А пошто друга држава немаме, ќе исчуриме како дожд на вруќ асфалт.
Се менува и етничката, и верската структура.
За педесет години во Македонија ќе има над еден милион муслимани. Нив ќе ги има двеста илјади повеќе од православните. После, се знае. Веќе видено.
Ваквиот начин на размислување е прифатлив за широк круг луѓе. Но, всушност, овој напис промовира и заштитува противуставна дискриминаторска регулатива (која веќе е оспорена пред Уставниот суд, а за неа постои и одлука од овој суд) и претставува отворена врата за донесување слична регулатива во иднина.
Кога вината се става на товар на жртвата
Обвинување на жртвата за неповолната позиција во која се наоѓа е значајна карактеристика на структурната дискриминација. Во моментот кога понеповолната ситуација, во која се наоѓа одредена група луѓе, ќе се стави во целост или во голема мера на товар на истите тие луѓе, можеме да се посомневаме во постоење на структурна дискриминација.
Одговорноста на жртвите на дискриминација за состојбата во која се наоѓаат се поврзува со: културата на жртвата (начин на нејзиното традиционално однесување кое ја става во полоша ситуација), пасивноста (не ги употребуваат механизмите што им ги нуди системот); незаинтересираноста (затоа што самите ним не им е грижа), сопствениот избор (сакаат такви работи или не сакаат да работат), незнаењето и недостигот на информации. Заедничко нешто на сите овие објаснувања е тоа дека за состојбата на дискриминираност е виновна жртвата.
Во вакви услови дискриминаторот може дури и да парадира со пријателство кон дискриминираните, да манифестира длабока загриженост и да им дава поддршка со надеж дека ќе соберат сили и ќе успеат да се извлечат од ситуацијата.
Многу интересен пример за ова е пренесувањето на податоци од истражувањето на Здружението на граѓани “Реактор – истражување во акција“ за причините за економската неактивност и невработеност кај жените. Во некои медиуми (Капитал,Вечер) се појавија написи во врска со ова истражување со наслови: “Скандалозно: половина од македонските жени не сакаат да работат!“, или, “На дамите не им е удобно во бизнисот, сакаат во јавна администрација“. Од дадените написи може да се извлече заклучок дека жените се виновни за актуелната ситуација во која тие сочинуваат значаен процент од неактивното население. Во самото истражување, пак, се вели:
Нашата препорака е дека треба да обрне поголемо внимание на директната дискриминација на пазарот на труд и дека се потребни повеќе и подобри мерки кои ќе им овозможат на жените подобро да го балансираат работниот и приватниот живот. Сметаме дека сегашните објаснувања ја оправдуваат неактивноста на властите, поради тоа што одговорноста, т.е., кривицата ја ставаат кај жените (недостаток на квалификации) или пак на меѓу-семејните односи (традиционалните родови улоги)…
Резултатите од студијата се претставени во четири главни дела. Во првиот дел, детално ги разгледуваме официјалните податоци за положбата на жените и мажите на пазарот на труд, со цел да го дефинираме проблемот кој е тема на ова истражување. Во вториот дел се изнесени докази кои покажуваат дека официјалните причини за нисокото учество на жените, т.е. несоодветното ниво на образование и традицијата, не можат да бидат причините за огромниот јаз помеѓу учеството на мажите и жените. Во третиот дел, ги анализираме несогледаните причини за високите стапки на неактивност на жените и ги нагласуваме областите во кои владата може да влијае за да се реши овој проблем. Конечно, последниот дел содржи конкретни препораки врз основа на податоците кои произлегоа од нашето истражување, а кои веруваме дека треба да го добијат вниманието на власта и на релевантните институции, со цел подобро да се срочат политиките поврзани со неактивноста на жените и нивната невработеност. Доколку Македонија сака да ја постигне целта од ЕУ 2020 стратегијата за стапка на вработеност од 75% за жени на возраст помеѓу 20 и 64 години, власта мора сериозно да размисли да ги ревидира сегашните политики за подобрување на положбата на жените на пазарот на трудот, и мора да почне со тоа што подобро ќе разбере како стигнавме до тука.
Претставувањето на резултатите од истражувањето без соодветните заклучоци, објаснувања и препораки, ја поддржува и промовира структурната дискриминација врз основа на пол.
Сличен ефект може да има и статијата под наслов “Жените се помалку сакаат да бидат лидери“ објавена на порталот “Telegraf.MK“ според која
“… жените не сакаат да го жртвуваат професионалниот живот во однос на приватниот“
“… жените кои имаат можност помалку да работат секако тоа и ќе го направат“.
Кога одговорноста се става на товар на жртвата
Многу често структурната дискриминација се манифестира во префрлање на одговорноста за недоволна употреба на механизмите што им стојат на располагање на жртвите на дискриминација.
На пример, во медиумите е пренесена изјавата на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, според која:
Доколку работничките не се охрабрат да ги пријават случаите, неможна е борбата против ваквиот вид на дискриминација и покрај законските измени кои се донесени.
Ова претставува класичен пример на префрлање на обврската (одговорноста) врз жртвата на дискриминација како основ за структурна дискриминација. На тој начин државата и сите директно и индиректно одговорни институции можат да прогласат дека не се виновни за постоечката ситуација. Медиумот треба да ја идентификува и посочи оваа компонента на структурна дискриминација со цел поттикнување на државата да ги преземе сите можни мерки за справување со дискриминирачката активност, односно да се постави во проактивна наместо во реактивна улога.
Многу често структурната дискриминација е затскриена зад навидум јасно изразената желба да се помогне и да се адресираат вистинските проблеми.
Навидум желба за помош, а во суштина структурна дискриминација
На пример, во весникот Капитал под насловот “Образованието е најголемиот проблем на Ромите“, е даден дел од изјавата на претставник на ромска невладина организација која очигледно ја гледа вината, а и решението за дискриминираната положба на Ромите, кај самите Роми со евентуална помош од страна на државата (се разбира доколку сака):
“Потребна е поголема соработка со родителите кои не се многу заинтересирани за образованието на нивните деца или, пак, финансиски не се во можност да го реализират тоа. Програмите на НВО се насочени токму во тој правец. Да ја разбудиме совеста кај нивните родители, но и кај државата. Секако дека секоја помош од државата е добредојдена“
На овој начин веќе постоечките стереотипи и предрасуди (кои се по природа самопотврдувачки) добиваат храна и потврда и се создаваат услови за нивно натамошно рециклирање, или, “Ромите си се самите се криви што не се доволно образувани“.
Структурната дискриминација е опасна, меѓу другото и затоа што може да се храни и со изјавите на оние кои најискрено се борат со дискриминацијата. Само како пример го наведувам искрениот повик до жените објавен на МОФ под наслов “Крив е владиката, човекот до тебе или ти?“
Верувам во образование, во право на избор и во разум. Затоа сметам дека треба да почнам од себе, од женскиот род. Најголемиот проблем е дека сите стереотипи се потврдуваат со нашето однесување и дека тоа не треба да не навредува. Треба да се бориме исклучокот да стане правило, да ја исмејуваме патријархалноста и моќта на мажот таква како што е прикажана пред нас. Да ја величаме моќта на индивидуалноста и еднаквоста. Да почнеме од себе, од човекот до нас, а владиката да го оставиме сам да си пресуди.
Имено, наместо поткревање на свеста и акција, ваквиот повик може повторно целата одговорност да ја префрли токму врз жртвите на дискриминацијата – жените и да ги ослободи од вина, но и од потреба за проактивно делување на институциите на власт (кои не само што треба да го осудат, туку треба и да го санкционираат говорот на владиката).
Структурната дискриминација е опасна затоа што нејзините корени се во минатото, затоа што е кумулативна (составена од многу голем број помали дискриминирачки активности), затоа што е затскриена зад вообичаениот начин на однесување (па дури и зад навидум позитивно однесување), затоа што многу често настанува и тогаш кога не се прекршуваат законите. Таа многу тешко се перципира, уште потешко се поентира, а најтешко е да се победи. Токму заради тоа е толку важна улогата на медиумите кои можат да ја следат, разоткриваат и маркираат.
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 08.01.2014