Стоп за говорот на омраза кој поттикнува ликвидација на учесници на ТВ Дебата!
„Фронтот за слобода на изразување“ најостро го осудува говорот на омраза кој поттикнува ликвидација на учесници на ТВ Дебата. Говорот на омраза кој поттикнува на насилство нема ништо заедничко со правото на слобода на изразување. „Фронтот за слобода на изразување“ најостро го осудува говорот на омраза од страна на новинарот Миленко Неделковски, кој беше објавен не само на социјалните мрежи, туку и на неговиот портал „Дудинка“:
„Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта.“ (со линк до дебатната емисија „24 студио“ од 09.04.2014 во која учествуваа тројца колумнисти).
„Фронтот за слобода на изразување“ потсетува дека ваквиот говор на омраза нема ништо заедничко со новинарската етика и дека етичка должност на новинар(к)ите не е само да се оградуваат од говор на омраза, туку и јавно да го осудуваат. Затоа, „Фронтот за слобода на изразување“ ги повикува сите здруженија на новинар(к)и и здруженија за човекови права јавно да го осудат овој силеџиски атак врз учесници на дебата, што претставува и атак врз слободата на изразување како темел на демократијата.
„Фронтот за слобода на изразување“ е неформален сојуз на повеќе здруженија на граѓани и активисти за правото на слобода на изразување