Сите кои се сведоци или жртви на говор на омраза да ги пријават случаите
По повод 22 јули, Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, Комисијата за заштита од дискриминација ги повика сите граѓани кои се сведоци или жртви на инциденти од говор на омраза да ги пријават случаите, со оглед на тоа што, како што посочуваат од Комисијата, и дискриминацијата преставува мотив за кривични дела од омраза.
– Комисијата за заштита од дискриминација како централно, национално тело за спречување и заштита од дискриминација, како и за промоција и за афирмација на принципите на еднаквост, толеранција и недискриминација, во рамките на своите надлежности ги повикува граѓаните кои се сведоци или жртви на инциденти од говор на омраза, да го пријават инцидентот во Комисијата – се вели во денешното соопштение по повод Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза – 22 јули.
Со прогласувањето на Европски ден на жртвите на криминалот од омраза, целта е да се воспостави ден за признавање на проблемот со криминалот од омраза во Европа, да се даде поддршка на жртвите, да се потврди заложбата за надзор, спроведување на законот и подигнување на јавната свест за таквите кривични дела да се осудат и да се спречат.
Криминал од омраза, истакнуваат од Комисијата за заштита од дискриминација, претставува секое кривично дело каде сторителот е мотивиран поради некоја карактеристика на жртвата како што е раса, етничка припадност, религија, политичка припадност, сексуална ориентација или друго својство.
Извор: Meta.mk – новинска агенција (22.07.2015); Сите кои се сведоци или жртви на говор на омраза да ги пријават случаите