Продолжува соработката меѓу ДЗЛП и Метаморфозис – предавања за лични податоци, приватност и говор на омраза

На 25 јули 2014 година, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Метаморфозис, Фондација за интернет и општество, потпишаа Меморандум за соработка. Со овој Меморандум се потврдува одличната соработка во континуитет и заедничкиот интерес на организациите за едукација и информирање на граѓаните, особено младата популација, на теми поврзани со заштитата на личните податоци, приватноста и безбедноста на интернет, говорот на омраза и други сродни области.

Со Меморандумот се утврдија заедничките активности поврзани со проектот „Час по приватност“, кој во  месец септември започна да се спроведува во средните училишта во Град Скопје.

Како една од првите заеднички активности на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Град Скопје, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Метаморфозис , која претставува отпочнување на проектот е прилогот кој излезе на 1 септември во дневниот весник „Нова Македонија“  – Распоред на часови, наменет за децата од основно и средно образование. Во распоредот, првиот час во понеделник (класниот час) е обележан како Час по приватност. Имено, првите Часови по приватност започнаа на 15.09.2014 во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и СУГС „Боро Петрушевски“, а потоа секоја недела учениците од различни училишта имаат час по приватност.

DSC00200

Со предавањата се опфатени 21 средно училиште на територијата на Град Скопје.

На 20 септември, во рамките на соработката со Град Скопје, како партнери на проектот, препораките од Час по приватност беа поставени во автобусите на ЈСП Скопје.

DSC00204

Претставувањето на главните препораки за заштита на личните податоци, како и препораките да не се шири говор на омраза, да се внимава што се објавува на социјалните мрежи, итн. во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје – е добра можност за поширока перцепција и зголемување на јавната свест по однос на овие важни прашања. Истовремено, со ова ќе се опфатат повеќе целни групи освен од воспитно-образовниот процес опфатени со предавањата во средните училишта.

Постери беа поставени, на македонски и албански, во автобуси кои имаат возен ред со број: 2, 5, 15, 7, 3, 65, 65V, 41, 50, 17, 4, 8, 57, 19 и 22.

Во следниот период се очекува спроведување на заеднички активности за подигање на нивото на свеста на повеќе целни групи: ученици, родители, наставници, за потребата од почитување на прописите за заштита на личните податоци, вклучувајќи и содржини за неповредливост на домот, тајност на комуникација, тајност на писма, говор на омраза, однесување на социјални мрежи, итн.

Повеќе информации за активностите од проектот се достапни на www.bezbednonainternet.org.mk.

You may also like...