Пратениците не одговараат за дискриминација
По повод говорот на омраза од страна на пратеникот Драгиша Милетиќ од Српска напредна странка во Македонија на 72-та седница на Собранието на Република Македонија, Женска Алијанса поднесе претставка за дискриминација по основа на сексуална ориентација до Комисијата за заштита од дискриминација.
Во одговорот добиен од Комисијата се наведува дека „имајќи го предвид член 64 од Уставот на Република Македонија кој што предвидува дека пратениците во Собранието на Република Македонија уживаат имунитет и истите не можат да бидат повикани на одговорност за искажаното мислење или за гласање во Собранието, Комисијата за заштита од дискриминација нема да покрене постапка за утврдување дискриминација по наведените наводи“.
„Хомосексуалноста е болест, а вие ако сте во чекор со модата, одете, ама пазете кога одите мора да биде тоа строго покрај ѕид“, ова се зборовите на пратеникот на СНСМ, Драгиша Милетиќ со кои тој во септември годинава му се обрати на пратеникот на ЛП, Ивон Величковски, за време на дискусијата за предлогот на владејачката коалиција, бракот да се дефинира во Уставот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена.
„Во многу работи се согласувам со вас, но не се согласувам дека не сме во опасност кога е во прашање геј популацијата. Тие се изјаснија сами колку ги има, знаете колкав притисок врши Европа и што чекате да бидеме пата пата со нив. Ако една држава европска види дека е со Устав заштитен бракот, нема да имаме толкав проблем да вршат притисок на нас како што направија врз некои држави во Европа. Почнуваат да се пробиваат и да бараат да имаат свои права, и нема да застанат на тоа, има да одат на изедначување на бракот со маж и жена. За време на социјализмот тоа беше казнива категорија и тоа за мене беше исправно. Не е омраза, за мене тоа е болест, а вие одете си во корак со модата. Само пазете кога одите, мора да одите строго покрај ѕид“, рече тогаш пратеникот Милетиќ.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на НОВА.
Извор: Нова ТВ, 12.12.2013. Реобјавено со дозвола од редакцијата.