„Патриотски“ говор на омраза: омраза кон внатрешните „непријатели“ (1)
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
„Исклучително важно е медиумите да внимаваат да не бидат извори на говор на омраза и да водат сметка да не придонесат за негово понатамошно ширење.“ (Соопштение на Советот за радиодифузија, од 06.03.2013)
„Патриотскиот“ говор на омраза е препознатлив по намерата за разгорување, поттикнување, или оправдување на омраза кон внатрешните и надворешните „непријатели“. Во основата на ваквиот говорот на омраза е поделбата на „Ние“ („патриотите“) и „Тие“ (непатриотите), кои се етикетирани со најразлични стигматизирачки називи. „Патриотскиот“ говор на омраза честопати се користи како инструмент за психолошко насилство врз критичарите на актуелната власт, од страна на провладини политичари, новинари или колумнисти.
Во првиот дел од анализава ќе се фокусираме на повеќе примери на „патриотски“ говор на омраза во кој се таргетираат домашни „предавници“, „странски платеници“, „кодоши“…
Говор на омраза кон поранешниот министер на ВМРО-ДПМНЕ: од „херој“ во „кодош“
„Патриотскиот“ говор на омраза во медиумите стана особено загрижувачки проблем во 2009 година, особено по медиумските атаци врз претседателскиот кандидат Љубе Бошковски. Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) на 10.12.2009 одлучи остро да ја опомене Македонската радиотелевизија поради создавање „атмосфера на поттикнување омраза која би можела да доведе до загрозување на личната безбедност“ во емисијата „Отворено со народот“, насловена „12 години затвор: Јохан Тарчуловски, „судбина или предавство?““.
Според анализата на тогашниот СРД, „се настојува да се дискредитира Љубе Бошковски како личност и како политичар“ и „се врши деконструкција на митот за патриотот „Брат Љубе“ при што, освен честото употребување на термините предавство, предавник, кодош и слични, се прибегнува и кон повторување на синтагмата „Сестра Љубе“ со што се користат и родови стереотипи со цел да му се придодаде пежоративно значење, при што не се води сметка за поширокото негативно родово етикетирање.“
Медиумската хајка против поранешниот министер на ВМРО-ДПМНЕ започна откако стана жесток критичар на власта. Хајката ја предводеа и провладини новинари кои јавно признаваа дека претходно го величале како херој, дури и при неговото ослободување од Хашкот трибунал во 2008. На пример, во колумната „Кодош“, авторот признава дел од „вината“ што го величал министерот како херој („Мирка и јас ја имаме дел од вината за кодошот Љубе“). Откако „херојот од 2001“ почна жестоко да го критикува премиерот (кој го пречека од Хаг во 2008 како херој), истиот новинар почна го портретира како „кодош“.
„Патриотски“ говор на омраза од новинари кон новинари
„Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам.“ (Совет на честа при ЗНМ, 18 Декември 2009)
Кон крајот на 2009, „патриотскиот“ говор на омраза во медиумите не беше насочен само кон политичари, туку и кон новинари. Тогаш, Советот на честа при ЗНМ застана во одбрана на новинарската професија и најостро ја осуди „се позачестената пракса на неаргументирано етикетирање на новинари како „предавници“ само затоа што некои нивни ставови не се совпаѓаат со ставовите на одредени групи или центри на моќ.“
Повод за оваа реакција беше текстот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ во кој е наведен список на луѓе, јавни личности и новинари, кои без било какви докази беа прогласени за платеници за ширење на пропаганда „со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјава“. Притоа, беше укажано дека сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.
Во 2010 година, говорот на омраза и повиците за ликвидација од страна на Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” беа повторно осудени не само од ЗНМ, туку и од страна на Европската федерација на новинарите. ЗНМ ги осуди „јавните настапи на телевизискиот водител Миленко Неделковски, неговите објави на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари што треба да бидат елиминирани само врз основа на “критериумите” на Неделковски и неговите истомисленици.”
Европската федерација на новинари исто така го осуди „телевизискиот повик за насилство врз новинари во Македонија”. Генералниот секретар на ЕФН укажа дека станува збор за смртно сериозен повик кон луѓето да извршат насилство врз новинари, и во која се појаснува дека “Контроверзата еруптираше откако Миленко Неделковски, телевизиски презентер на Канал 5 објави листа на новинари “предавници” минатата седмица и отворено повика на нивно физичко елиминирање.”
На 02.12.2011 СРД ја казни ТВ Канал 5 со два дена забрана за емитување реклами и телешопинг поради програмски содржини што содржеле говор на омраза во „Миленко Неделковски Шоу“ (емитувана на 18 ноември 2011). Во стручната анализа СРД констатира дека „…гледачите можат само да чујат кои новинари, според Неделковски, се предавници, платеници, полициски доушници и тастери, поради што се добива впечаток дека истите тие новинари се виновни поради тоа што мислат или дејствуваат поинаку од водителот на емисијата“. Според истата анализа на СРД, „При етикетирањето и стигматизирањето на своите неистомисленици – пред сѐ, една група новинари – Миленко Неделковски покажува отворена нетрпеливост со елементи на говор на омраза и креира непријателска атмосфера.“
Говорот на омраза кон новинари кулминира со отворени повици за насилство
Во 2014, „Фронтот за слобода на изразување“ јавно го осуди силеџискиот атак на Миленко Неделковски врз учесници на јавна ТВ-дебата пред изборите, со зборовите „Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта“.
По изборите, истата јавна личност, на својот портал, објави уште една листа на медиуми, новинари и политичари, повикувајќи на „Сечење на чировите“. Групата на именувани медиуми и новинари се наречени „куп на ПЕДЕРИ ШТО РАБОТАТ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРЧКАТА ВЛАДА И ГРЧКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ“ и „странски платеници“.
Ни ваквиот говор на омраза кој отворено поттикнува насилство кон медиуми и новинари не беше јавно осуден ниту од страна на претседателот, премиерот и министрите, кои се редовни гости во емисијата на „Миленко Неделковски шоу“.
Продолжува: „Патриотски“ говор на омраза: омраза кон невладини организации и активисти (2)
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 13.06.2014.