Патриотски“ говор на омраза: омраза кон невладини организации и активисти (2)
Од медиумско-партиската пропагандна хајка против „соросоидите“ можеме да извлечеме мноштво примери за „патриотски“ говор кој има намера да поттикне омраза кон невладини организации и активисти кои отворено ги критикуваат властите.
(Кон првиот дел од анализата: Омраза кон внатрешните „непријатели“)
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
„Личноста што користи средства за масовна комуникација мора да биде свесна дека повици за протести или за друг тип масовна акција против некоја друга страна во случај на насилство е одговорна и не може да се заштитува со правото на слобода на изразување.“ (Роберто Беличанец, „Црна книга“)
Во првиот дел од оваа анализа укажавме дека „патриотскиот“ говор на омраза честопати се користи како инструмент за психолошко насилство врз критичарите на актуелната власт, од страна на провладини политичари, новинари или колумнисти.
Класичен случај на патриотски говор на омраза кој поттикнува на насилство против активисти имавме во март 2009, кога еден провладин новинар упати повик од својот блог за контра-протест против „збирштина од геј и атеисти“ кои „ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква.“ Ваквиот потпалувачки говор поттикна насилство кон активистите од страна на „патриотската толпа“ која претходно извикуваше „педери, атеисти, Шиптари…“
Најсимптоматично беше тоа што медиумските потпалувачи на етнички и верски тензии јавно обвинуваа активисти (жртви на насилство и говор на омраза) за потпалување на тензии и делби, притоа истакнувајќи ја нивната „не-македонска“ етничка припадност.
Советот на честа на ЗНМ го осуди говорот на омраза во емисијата „Јади Бурек“ како тренд на брутална пресметка со неистомислениците преку медиумите која добива загрижувачки размери: „Она што беше искажано во рамките на емисијата „Јади бурек“ од страна на Драган Павловиќ Латас, како што е посочувањето на нечија национална припадност како дисквалификација, лични закани, но и повик до другите исто да реагираат е класичен пример на „говор кој изразува и продуцира омраза“. Советот на честа не може да прифати на новинарите да им биде доделена улогата на поттикнувачи на насилство.“ (2009.03.31 – Реакција на емисијата „Јади бурек“).
ГОВОРОТ НА ОМРАЗА ПРОТИВ „СОРОСОИДИТЕ“
„Местите еден контејнер, на него пишувате – предавници и платеници и во него почнувате да фрлате сè што ви пречи или што ве критикува, при тоа обезбедувајќи дека јавноста мора да препознае дека тоа го правите за „зачувување на националниот интерес и достоинство“. (Роберто Беличанец, „Црна книга“)
Од медиумско-партиската пропагандна хајка против „соросоидите“ можеме да извлечеме мноштво примери за „патриотски“ говор кој има намера да поттикне омраза кон невладини организации и активисти кои отворено ги критикуваат властите.
„Соросоидите“ претставени како шпиони
Прилогот ВМРО-ДПМНЕ: “Соросоиди” ја шпиунираат работата на Советот за евроинтеграции, имплицира дека изразите „Соросоиди“ и „шпиунираат“ се употребени од партија, иако овие изрази се среќаваат само во насловот на прилогот, што е показател за тенденциозно етикетирање и негативно претставување на критичарите како „шпиони“ и „домашни предавници“.
„Соросоидите“ претставени како „терористи“ и „платеници“ кои го уништуваат новинарството
Насловите „Терор од соросоидите врз новинарството!“ и „Соросовите платеници удрија по новинарите“ се пример за класичен атак врз критичари кои предупредувале на загрозување на слободата на изразување.
И прилогот „Соросовите пари константно го контаминираат медиумскиот простор“ е класичен пример на изумување на „жртвени јарци“. Имено, како главни виновници за лошите оценки за слободата на изразување во Македонија се прогласуваат дел од критичарите, кои предупредувале дека слободата на медиумите е загрозена од страна на пропагандата на властите и од говорот на омраза на провладините медиуми.
Во колумната „Соросоиди“ истите се претставени како загрозувачи на слободата на изразување на авторот – инаку меѓународно признат поттикнувач на говор на омраза и составувач на листи на предавници и непријатели.
„Соросоидите“ претставени како заканувачи, насилници и поттикнувачи на кривични дела
Во текстот „Соросоидите на Бранко со фотокопии ја држат цела нација во страв“ новинарот ги обвинува „соросоидите“ за „шпионска афера темелена на монтирана фотокопија, а откако фотокопијата е написмено демантирана од МВР, релативизираат официјални документи на државни институции, во конкретниов случај на Министерството за внатрешни работи.“ Соросоидите се обвинети дека „настапуваат тенденциозно, со свесно кршење на законот и човековите права, и со демонстрација на таа моќ ја држат цела нација во страв“.
Во текстот „Соросоидите повикуваат на палење на израелската амбасада“, врз основа на лажна генерализација, сите „соросоиди“ се претставени како поттикнувачи на насилство. Пропагандно генерализирање е базирано на коментар од социјалните мрежи на лице кое е неосновано прогласено за „радикален соросоид“.
Текстот „СОРОСоидите ги поттикнуваат Ромите на кривично дело – неплаќање данок“ е пропаганден обид за етикетирање на протестирачи Роми како „соросоиди“, кои наводно биле поттикнати на „кривично дело неплаќање данок“, како и „меѓунационални тензии“. Пропагандниот текст „Соросоидите играле прљаво насекаде, па и во Америка“ е илустриран со фотографија на која е пречкртана фотографија на директорот на „Фондацијата Отворено општество Македонија“ и американското знаме. Во текстот, преполн со клевети и инсинуации, никаде не се спомнува каква и да е активност на македонската фондација.
Соросоидите претставени како „парадржавна власт“ и „банда“
На прв поглед, теориите на конспирација, како во насловите „Соросоидите со повеќе пари, и посилни и од владата!“ и „Соросоидите владеат во Центар – парадржавна власт среде Скопје!“ не наликуваат на примери за говор на омраза. Меѓутоа, сосема друг впечаток се добива кога ќе ги прочитате објавените коментари под текстовите, во кои има класични примери за дехуманизација („Соро-сидите-гнидите“) и отворени повици за насилство („ќе се тркалаат глави предавнички, линч за душманите на сопствениот народ…“).
Пропагандниот текст „СДСМ не ги боли за лустрацијата, соросоидите го вијат орото“ е класичен пример за медиумски атак врз „Соросоидовата банда“ и врз конкретни личности кои беа незаконски лустрирани заради јавно критикување на властите.
„Соросоидите“ како „предавници на името“
„Во основата на говорот на омраза е поделбата на НИЕ во кои спаѓа оној што го практикува ваквиот говор и неговите истомисленици и ТИЕ, ОНИЕ, ДРУГИТЕ кон кои таквиот говор е насочен. Во говорот на омразата не постои толеранција, почитување на ДРУГИОТ и неговата различност без оглед дали е таа од религиска, политичка, национална, сексуална, јазична, културна или каква било друга природа. Тој е насочен да поттикне омраза кон различните, оние што не спаѓаат во групата НИЕ.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Написот „Експертите од ГЕМ го “решаваат” името за 310.000 евра!“ е школски пример за клеветничко и конспиративно новинарство кое има намера да поттикне „патриотски“ говор на омраза кон „предавниците“. Впрочем, тоа може да се забележи и од објавените коментари (уредувани од медиумот) насочени против „бездушници“, „накази и лигави суштества“, „гнаси“, „педеродушебрижници“, „гнилежот на Македонија“, „предавници и продадени души“…
И колумната во „Вечер“ „Хајлајтс“ е класичен пример за клеветнички „патриотски“ говор на омраза кон „соросоидите“ претставени како актери на „кодошења и упикувања“ и како платеници кои ја „туркаат грчката понуда“ („Пет милиони евра годишно трошат на својата пропаганда“). Авторот позитивно се претставува себеси како дел од мнозинството, а жртвите на неговиот говор на омраза како дел од малцинството: „…во сите, светли точки, хајлајтси на мојата земја, последниве две децении сум бил со мнозинството на мојот народ. А тие не“.
Дискурсот на поделба „НИЕ-ТИЕ“ е препознатлив белег на „патриотскиот“ говор на омраза. Наспроти „тие“ („соросоидите“ од ГЕМ ) – претставени како кодоши, платеници и застапници на странски интереси, авторот се позиционира како дел од едно мнозинско „НИЕ“ – како новинар-патриот во одбрана на „името и идентитетот“: „Да знаат: не ми смета, за надвор од овде, да имаме друго име. Но, во мојата куќа, да бидам свој. Македонец во Македонија, кој зборува македонски.“
Парадоксално и трагикомично, во коментарите под патриотскиот текст ќе сретнете повици на насилство против „гнидите петтоколонашки“, но не и против „патриотот“ на кој воопшто не му смета „за надвор од овде, да имаме друго име“.
(Продолжува)
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 28.06.2014.