Што е говор на омраза?
Воопшто не е едноставно и лесно да се дефинира значењето на изразот „говор на омраза“ што се употребува во најразлични контексти. Европскиот суд за човекови права предупредува дека не постои универзално прифатена дефиниција за говор на омраза.
Обично, како ориентир се користи следнава отворена дефиниција за „говор на омраза” што експлицитно не ги вклучува сите препознаени форми:
„…сите облици на изразување што шират, распалуваат, поттикнуваат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или останати облици на омраза заснована врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолерантност изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација или непријателство против малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.”
(Препорака бр.Р(97)2 на Комитетот на министри на Советот на Европа за говорот на омраза од 1997 година (Додаток)).
Во најширока смисла, говорот на омраза се употребува за сите форми на изразување што шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција, врз која и да е дискриминаторска основа. Говорот на омраза е злоупотреба на слободата на изразување што се состои во повреда на правата на другите.
Говорот на омраза не опфаќа само говор или пишан текст, туку може да опфати најразлични облици на изразување: јавно користење симболи на омраза (на пример, кукаст крст или запален крст), постери, флаери, карикатури, графити, музика, видеа, видео-игри или содржини објавени преку традиционалните медиуми или на интернет.
Примери за говор на омраза
1) За време на изборната кампања се дистрибуираат летоци со слогани: „Да се спротивставиме на исламизацијата на Македонија“, „Стоп за вештачката политика на интеграција“ и „Албанците да си одат во Албанија“.
2) Партиски активисти делат материјали во училиштата во кои хомосексуалноста е опишана како „девијантна сексуална наклонетост“ којашто има „морално деструктивен ефект врз суштината на општеството“ и е одговорна за развојот на ХИВ и СИДА.
3) Главен уредник објавува во колумна дека „нема понетолерантна сорта од педерската сорта“.
4) Партиски постер со пароли: „Исламот надвор од Македонија. Стоп за исламскиот тероризам.“
Што е говор на омраза „он-лајн“ и говор на омраза на интернет?
Во најширока смисла, под говор на омраза „он-лајн“ („сајбер-омраза“) се подразбира која било употреба на технологијата на електронски комуникации за ширење антисемитски, расистички, ксенофобични, дискриминаторски, екстремистички или терористички содржини. Изразот говор на омраза „он-лајн“ е поширок од изразот говор на омраза на интернет затоа што ги опфаќа не само интернет-содржините (веб-страници, социјални мрежи, кориснички-генерирани содржини, блогови, он-лајн игри, е-пораки итн.) туку и содржините на мобилните телефони.
Што е „сајбер-малтретирање“?
Сајбер-малтретирање е користење на електронски комуникации во училиштен контекст, со намера да се вознемири, заплаши, попречи или физички да му се наштети на ученик/чка, поради расата, бојата на кожата, религијата, националното потекло, етничката припадност, сексуалната ориентација, попреченоста, родот, родовиот идентитет или изразување или друга лична карактеристика.
Што е „мразачки сајт“?
Интернет мразачки сајт е веб-сајт (или веб-локација, веб-страница) одржувана од организирана мразачка група каде што се изразува омраза (кон едно лице или кон група) или каде што се нудат информации како да се поддржат идеолошките цели на мразачката група.
Што се дела од омраза?
Делата од омраза се кривични дела мотивирани од предрасуди каде што сторителот намерноодбира жртва со заштитена карактеристика (дискриминаторска основа).
Делата од омраза он-лајн ги опфаќаат оние кривични дела што се извршени по пат на електронски комуникации.
Расистички и ксенофобичен материјал
Според дополнителниот протокол од Конвенцијата за сајбер-криминал, расистички и ксенофобичен материјал значи секој пишан материјал, секоја слика или која и да е друга репрезентација на идеи или теории што застапуваат, промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против која било индивидуа или група индивидуи, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и религија, ако таа е користена како претекст за некој од овие фактори.
Компјутерски систем
Во Кривичниот законик „Под компјутерски систем се подразбира каков било уред или група на меѓусебно поврзани уреди од кои, еден или повеќе од нив, врши автоматска обработка на податоци според одредена програма.“