Омраза длабоко
Кои се елементите од кои може да се изведе заклучокот дека во колумната „Компаративност 2“ се користи говор на омраза?
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Мојата тетка Драгица Најческа во 1998 година објави прекрасен роман под наслов „Омраза длабоко“. Кога ја завршив анализата на колумната под наслов„Компаративност 2“ некако, сам по себе ми се наметна овој наслов.
Најшироко дефинирано, говорот на омраза претставува злоупотреба на слободата на изразување што се состои во употреба на изрази со кои се деградира, омаловажува, навредува одредена група (и припадниците на таа група) заради постоечки или замислени карактеристики на таа група, со цел поттикнување нетолеранција, непријателство, па и насилно однесување кон таа група, со што се повредуваат или се отежнува практикувањето на правата на луѓето кои припаѓаат кон групата или, пак, за кои само се претпоставува дека припаѓаат кон неа.
Кои се елементите од кои може да се изведе заклучокот дека во колумната „Компаративност 2“ се користи говор на омраза?
1. Градење на предрасудата
Сѐ започнува со „билдањето“ предрасуда кон едно конкретно, политичко уверување и за еден политички систем. Во текстот сопствените перцепции се прикажуваат како факти (сознајна компонента на предрасудата); се употребуваат епитети, метафори и изрази кои создаваат негативни емоции (емотивна компонента); се стимулират дискриминирачки и насилни активности (компонента на однесување).
Во што се состои сознајната компонента?
Авторот на текстот „знае“ што се случувало во конкретен историски период.
После Втората светска војна се истребени вистинските борци за слободна Македонија, извршена е драконска експропријација, направена е дрска и безмилосна кражба на имотот на народот, направени се голем број злосторства и предизвикана е голема несреќа.
Тој „тврди“ дека граѓаните кои живееле во поранешниот политички систем биле идеолошки затапени (од најнечовечната од сите идеологии во историјата на човештвото), биле ставени во позиција со нив да управуваат простаци и пролетери, немале никакво влијание врз она што им се случува и само исчекувале кога ќе се случи ветениот комунизам. Авторот „тврди“ дека тоа бил угнетувачки, репресивен систем во кој припадниците на другите политички концепти се прогонувани и екстерминирани.
„Знаењето“ не се однесува само на „историски елементи“ , туку и на особините, карактеристиките, мислите, намерите, на групата за која станува збор.
Тие се слуги и кодоши на тоталитаризмот, бесловесни и дрски, застрашувачки неосетливи и бесрамни, бесни и агресивни, суетни итреци кои прелажуваат, тортурираат и ликвидираат. Имаат маски на хуманост зад кои ја кријат својата ненаситност. Тоа се канибали кои ги колат и јадат сите кои не се согласуваат со нив.
За да се потенцираат овие особини и што е можно повеќе да се дехуманизира ликот на групата за која станува збор, авторот вметнува специфично „знаење“ за припадниците на конкретната група.
Тие се предатори, имаат канџи со кои го зграпчуваат народот,се обидуваат да се закотат на позициите кои не се за нив.
Авторот „знае“ дека разликите меѓу групата која е на власт и групата која сака да дојде на власт се едноставно разлики помеѓу човекот и животните.
Со ваквото „знам“ е многу тешко да се справиш, затоа што е потребно комплексно, широко и повеќеслојно објаснување на фактичката ситуација, разобличување на апсурдите и образложување на нелогичностите. За ваквото „знам“ нема потреба од фактичка потврда, нема потреба од логичка конзистентност. Тоа „знам“, всушност, е едно големо „не знам“ и „не разбирам“, ама „тврдам“.
Во што се состои емоционалната компонента?
Човекот кој „знае“ за кого станува збор (за бесловесни, бесни животни, кои убиваат и го јадат својот противник, крадци и измамници, слуги и кодоши, ненаситни и бесрамни, …) може да чувствува само одвратност, гадење, одбивност, страв, гнев, омраза…
Во што се состои компонентата на однесување?
Секое идно однесување на човекот кој „знае“ ќе биде детерминирано од овие емоции. Тоа значи дека во ситуација кога треба да избирам, да се однесувам, да преземам било каква активност, да доделувам, да проценувам, да рангирам, кон групата или припадниците на групата, или оние за кои претпоставувам дека може да припаѓаат на таа група на луѓе, ќе имам различно мерило и различно ќе постапувам.
Зар не е природно да се плашиш и да сакаш да се одбраниш од некој кој сака да те заколе, да те изеде, да те зграпчи со канџите, да ти го украде имотот, да те измами…?
Создадената предрасуда води кон дискриминација и кон можно насилство врз групата, припадниците на таа група и сите оние за кои претпоставувам дека би можеле да бидат дел од таа група. И тоа нема никаква врска со припадник на друга идеологија кој ја докажува исправноста на својата и неисправноста на идеологијата на „другите“.
2. Воспоставување на врската
И покрај тоа што во ниту еден момент не се спомнува називот на конкретната политичка партија за која станува збор, од текстот многу јасно произлегува дека авторот мисли на најголемата опозициска партија СДСМ.
Во воспоставувањето на врската со „застрашувачкиот и омразен социјалистички политички систем“ авторот повторно го применува принципот на „знам“. Авторот „знае“ дека СДСМ се поврзани со претходниот систем преку: идеологијата, финансиите кои ги влечат од претходниот период, методите на тортура. Всушност, во написот воопшто и не се прави никакво разграничување меѓу СДСМ и поранешниот систем, туку се прикажани во континуитет.
Со тоа се зацврстува една нова предрасуда, во која се губи од предвид дека социјал-демократијата не е ниту раскринкана, ниту, пак, е дискредитирана. Дека историските процеси не ја раздробиле во парампарчиња оваа идеологија. И надвор од тоа, односно од дискусијата дали навистина политичкиот систем и идеологија на социјалистичка Македонија биле раскринкани и раздробени, а за што треба и може да се дебатира многу-многу. Посебно преку споредувањето на тој со актуелниот режим на власт.
3. Дискриминација и насилство
Со веќе изградената предрасуда кон СДСМ како легитимна партија регистрирана врз основа на актуелните законски прописи, многу лесна и очекувана станува и дискриминацијата, но и можното насилство.
Во ваков контекст првата реченица од текстот:
Понекогаш човек, зачуден од жилавоста на опозициската елита во борбата за власт, се чуди, од каде им толку капацитети и кондиција и натаму да претендираат на освојување на механизмите на владеење зачуден од жилавоста на опозициската елита во борбата за власт
добива едно сосема поинакво значење. Со оваа реченица се доведува во прашање правото на СДСМ воопшто да се појави како субјект на политичката сцена и правото да се бори за власт, како и секоја друга политичка партија регистрирана во Република Македонија врз основа на актуелната легислатива.
Политичките партии по дефиниција се здружувања на луѓето направени со цел да ја освојат власта. Врз основа на што некој би го оспорил правото на луѓето да се здружуваат во политички субјект кој се бори да ја освои власта? Зошто некој во едно демократско, полипартиско општество би се зачудил од нечија борба за власт? Освен, доколку смета дека тој некој нема право да се бори за власт. Заради тоа што е :крадец, измамник, убиец, канибал, затоа што не е човек туку е бесловесно бесно животно, предатор со канџи. По логиката на нештата, на животните што нѐ напаѓаат – треба, па дури и мораме да им се спротивставиме со сила.
Исклучувањето на одредена група луѓе од остварувањето на нивното право политички да се здружуваат (што подразбира борба за власт), заради нивното уверување и нивната политичка определба, претставува дискриминација.
Говорот кој поттикнува вакво исклучување дури и со употреба на сила (што е класичен пример за евентуална умисла – или многу грубо речено: нешто што го мислиме ама не го изговараме) се нарекува говор на омраза.
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 13. 02. 2014.