Повик за обуки за медиуми: „Зајакнување на капацитетот за справување со говор на омраза“
Фондацијата Метаморфозис и Мисијата на ОБСЕ во Скопје упатуваат повик за пријавување учесници за обуки за справување на говорот на омраза во медиумската сфера, првенствено наменети за уредници, новинари и администратори на веб-портали. Целта на обуките е да придонесат кон зајакнување на капацитетите на онлајн-медиумите во Македонија за препознавање и спротивставување на говорот на омраза и говорот што поттикнува насилство и криминал од омраза, како и промоција на професионалните новинарски стандарди во синергија со Сервисот за проверка на факти од медиумите.
Обуките ќе се одржат во текот на октомври 2015 година на следните датуми и локации:
- 7 октомври (среда) во Скопје, хотел Stone Bridge
- 14 октомври (среда) во Струга, хотел Дрим
- 20 октомври (вторник) во Струмица, хотел Сириус
Обуките ќе бидат еднодневни, а целокупните трошоци за учеството ќе бидат покриени од страна на организаторите. За учесниците кои ќе доаѓаат од други места ќе биде обезбедено покривање на патните трошоци во висина на повратен автобуски билет.
(Нацрт-агенда е во продолжение на оваа покана.)
Бројот на учесници е ограничен. Селекцијата на пријавените кандидати, претставници на веб-портали и други медиуми, ќе биде извршена според редоследот на пријавување. Во случај да се пријават повеќе кандидати од капацитетот на одбраната обука, тие ќе може да учествуваат или на наредните обуки од циклусот, или ќе бидат поканети на учество на наредни настани од сличен вид.
Ги покануваме заинтересираните кандидати да го пополнат следниот онлајн-формулар најдоцна до 19 октомври во 12 часот, по што ќе бидат контактирани од тимот на Метаморфозис за потврда на нивното учество. За сите дополнителни информации може да се обратите на соработничката Адријана Селмани, по е-пошта на: adrijana@metamorphosis.org.mk или телефонски на бројот 02/3109 325.
Со почит,
Фондација Метаморфозис
Нацрт-агенда на обуките
„Зајакнување на капацитетот за справување со говор на омраза“
Цел: Зајакнување на капацитетите на уредниците и администраторите на веб-портали и др. медиуми за препознавање и справување со говор на омраза и говор што поттикнува насилство преку серија од три регионални обуки кои ќе вклучуваат 20-25 претставници по регион.
Учесниците може, но не мораат, да понесат лаптоп и смартфон кои ќе им бидат од помош за учество во вежбите.