ОБСЕ одбива контакт со медиуми кои емитуваат изјави на Миленко Неделковски
Мисијата на ОБСЕ изразува сериозна загриженост за говорот на омраза кој е користен од страна на контроверзниот новинар Миленко Неделковски.
Во реакцијата на Мисијата на ОБСЕ, која беше дистрибуирана до медиумите од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија, се вели дека во изјавата каде Неделковски повикува „да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана, бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, со оваа изјава тој ја надмина црвената линија во говорот на омразата, што е дејство што не смее да се толерира.
Мисијата на ОБСЕ констатира дека во слободата на говорот и размената на различни мислења постојат граници кога се загрозени правото на живот и физичкиот интегритет на други лица. ОБСЕ проценува дека овој речник и штети на моралната едукација на идните генерации во државата.
„Забелешките на Неделковски се продолжение на негативната пракса на говор на омраза, како дел од неговите редовни искажувања. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е вклучена во проекти против говорот на омразата. Доколку во медиумите се дозволува ширење на таков говор се компромитираат и се потценуваат нашите заложби“, се вели во реакцијата од Мисијата на ОБСЕ. Според тоа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје „одбива каков било контакт со Неделковски и со сите медиуми што му обезбедуваат платформа за да ги искаже таквите ужасни пораки“.
Ваквата реакција беше доставена до Советот за етика во медиумите на Македонија, барајќи да се одговори на говорот кој се користи од страна на Миленко Неделковски.
Извор: Portalb.mk (04.03.2015). ОБСЕ одбива контакт со медиуми кои емитуваат изјави на Миленко Неделковски