Нов патоказ кон заштитата на човековите права

belaknigaЗаради незначајниот напредок во соработката меѓу граѓанските организации и медиумите како и утврдување на проблемите околу нивната соработката, Македонскиот институт за медиуми ја издаде публикацијата „Бела книга“. Книгата има за цел интензивирање и унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите како и поголема промоција и унапредување на човековите права.

Преку краток опис на состојбите и приоритетите во шест специфични области од човековите права – граѓански и политички права, права на жени, Роми и други етнички заедници, маргинализирани заедници (лица со попреченост и припадници на ЛГБТИ-популацијата), млади и дигитални права , документот има за цел да ги поттикне механизмите на меѓусебната комуникација и соработка и на тој начин да обезбеди поголема видливост и влијание на граѓанските организации во јавноста.

Говорот на омраза е посочен како проблем кој го дисторзира медиумскиот простор во Македонија, а истиот останува несанкциониран и покрај постојната законска регулатива. Публикацијата посочува на скриениот говор на омраза кој може да се препознае кај „мејнстрим“ медиумите, додека пак на социјалните мрежи, форумите и виралните медиуми се почесто може да се препознае  неговата употреба и негативното стереотипизирање.

„Во Македонија дефинирањето на говорот на омраза и неговата криминализација се манупулира, бидејќи често се смета дека преку санкционирање на говорот на омраза, би се ограничила слободата на изразување“, стои во книгата изработена со помош на група експерти од граѓанските организации и од медиумите.

Во различни фази од продуцирањето на овој документ придонесоа претставници од следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Национален совет за родова рамноправност (НССР), Отворена порта – „Ла страда“, Отворете ги прозорците, Фондацијата Метаморфозис, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А., КХАМ, Мултикултура, Центарот за развој на медиуми на заедниците МЕДИУМ, Центар за слобода – Цивил, како и новинари и уредници од ТВ Алфа, Нова Македонија и Диверсити медија, а истата треба да послужи како уште една алатка на партиципативната демократија чија крајна цел е почитувањето на човековите права да стане императив на граѓанското општество и на граѓанскиот активизам во Македонијa.

 

Книгата може да се преземе од овде: на македонски, на албански и на англиски јазик.

 

You may also like...