Неетичко известување: Парада никаде, омраза секаде
Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
„Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Непроверена информација предизвика говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација
Нееетички е објавувањето непроверени информации, како што беше информацијата„Од утре геј парада ќе маршира низ улиците на Скопје“ на 17.06.2013. Оваа непроверена информација прво беше објавена на еден портал, а подоцна беше повлечена, исто како и насловот „Утре почнува шестдневната геј парада во Скопје“. Во меѓувреме, повикувајќи се на порталот, и други медиуми проширија дезинформација дека „Геј-парада ќе се оддржува во Скопје“: „Според непотврдени информации, деновиве пристигнала официјална најава за организација на првата геј-парада во Македонија почнувајќи од 18 до 23 јуни“, а „Центар на парадата ќе биде Скопје“.
Дезинформацијата за одржување на геј парада во Скопје предизвика говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет не само на социјалните мрежи, туку и во објавените коментари на некои интернет изданија. На пример, на интернет порталот на „ТВ Сител“ беше објавена дезинформацијата „Од утре почнува Геј парада во Скопје“, а под неа беше овозможено објавување на коментари кои директно повикуваа на насилство од омраза, врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет (со опција истите да бидат објавени на Facebook).
Имајќи предвид дека и објавувањето на коментарите подлежи на уредувачка политика, етичка обврска не само на новинар(к)ите и уредниците, туку и на сопствениците на медиумите, е да не овозможуваат објавување на писма на читатели (следствено, и на коментари) во кои отворено се разгорува насилство и омраза. Во случајот Sürek v. Turkey (no.1), Европскиот суд за човекови права не го заштити правото на слобода на изразување на сопственикот на еден неделник, кој по објавувањето на неколку писма на читатели, бил осуден и за поттикнување непријателство и омраза. Имено, судот вака ја образложи пресудата:
„Иако е точно дека подносителот лично не се поврзувал со погледите содржани во писмата, тој бездруго им обезбедил на нивните автори простор за поттикнување насилство и омраза. Судот не го прифаќа неговото тврдење дека треба да биде ослободен од било каква кривична одговорност за содржината на писмата поради фактот дека тој имал само комерцијален, а не и уредувачки однос со неделникот. Тој бил сопственик и како таков имал моќ да ја обликува уредувачката насока на неделникот.“
И по демантот продолжува неетичкото известување на тема „парада“
Иако дезинформацијата за одржување на геј парада беше истиот ден демантирана од страна на организаторите на манифестацијата „Недела на гордоста“ („’Неделата на гордоста‘ во Скопје, ама не и геј парада“, „Нема да има геј парада во Скопје“), некои портали продолжија да известуваат за „геј парада“ и следниот ден. На пример, на 18.06.2013 беше објавена вест „Денес почнува Геј парада во Скопје?!“, а наредниот ден истата не беше демантирана, туку беше објавен тенденциозен и збунувачки наслов„Геј парада или недела на гордоста?“.
Дури и кога почнаа да се објавуваат информации дека „На Фејсбук се организира контра геј парада во Скопје“, некои медиуми известуваа дека сепак ќе се одржува парада. На пример, насловот „Парада на гордоста и анти-геј протест во Скопје“(22.06.2013) сугерира одржување на „парада на гордоста“, а во поднасловот експлицитно се тврди дека:
„За денеска во Скопје се најавени одржување на парада на гордоста во која ќе учествуваат поддржувачи на интересите на ЛГБТ лицата, како и анти-геј протести“.
Меѓутоа, иако во насловот и поднасловот се објавуваат информации за „парада на гордоста“, во текстот се дава информација дека геј-парада не е планирана:
„Нова групација на конзервативци со патријархални убедувања превентивно ќе се обидат да спречат геј-парада која не е ниту планирана.“
Иако новинарот етички известува дека во најавата за „протести против идејата за геј-парада во Скопје“ се изнесени „хомофобни и дискриминаторски пораки кои апелираат на осуда и омаловажување на геј луѓето“, крајно неетички е што насловот на текстот сугерира дека анти-геј протестот е насочен против „парада на гордоста“, иако геј-парада „не е ниту планирана“.
Парада никаде, дезинформации и манипулации секаде
Повеќе медиуми неетеички известуваа за „Контра геј парадата“, промовирајќи ги дискриминаторските содржини на неидентификиваните организатори на протестот, без никакво оградување од говорот кој поттикнува на дискриминација и насилство.
На пример, во текстот „ПРОТЕСТ ПРОТИВ ГЕЈ ПАРАДА ВО СКОПЈЕ“, се дава линк кон страницата на организаторите и се промовираат нивните дискриминаторски идеи без никакво оградување или критичка дистанца („Не смееме да дозволиме во нашево Скопје, во нашата МАКЕДОНИЈА да се шета кортео од гејови и лезбејки.“). Во написот е објавен и симбол кој означува забрана за ЛГБТ знамето, иако истиот симбол не е објавен на страницата на организаторите на т.н. „Контра геј-парада“.
Исто така, и текстот „Геј парада и контра-геј протест во Скопје“ продолжува тенденциозно да ја поистоветува „неделата на гордоста“ со геј-парада и покрај демантот на организаторите, дека нема да се оддржи јавен марш. Во текстот е објавена и фотографија на мажи кои се бакнуваат на јавно место, која им сугерира на читателите дека се планирани јавни настани кои ќе вклучуваат такви активности.
Најголем дел од медиумите не известија за предупредувањата дека се поттикнува отворено насилство кон ЛГБТ лицата
„Обврска на новинарите и медиумите е да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација извршени од страна на јавни органи и институции, од приватни претпријатија или од кој било друг.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Добар дел од медиумите ја исполнија својата етичка должност и етички известуваа зареакцијата на здруженијата на граѓани дека поднеле „пријава за поттикнување на дискриминација и насилство, против неидентификуваните организатори на „КОНТРА-гејПАРАДА“. Меѓутоа, најголем дел од нив го игнорираа и не известија за предупредувањето дека „Во коментарите и постовите под објавата за „Контра-гејПарада“ се поттикнува отворено насилство кон ЛГБТ лицата (Меѓу коментарите имаше и отворени повици за насилство од неонацистички групи на фудбалски навивачи).“
Со игнорирањето на ова предупредување, повеќето од новинар(к)ите пропуштија „да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација“ и пропуштија да го постават прашањето: Кој ќе биде одговорен ако навистина се случи насилство, по објавените повици за насилство кон ЛГБТ луѓето?
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 29.06.2013