Не сакам да сум „еден од добрите„!
Учев во едно скопско основно училиште, навистина преубаво однадвор. Отсекогаш сум го сакал училиштето и образованието генерално ме поттикнуваше да го канализирам она што го чувствував длабоко во себе. И знаев дека можам да го искористам тој неисцрпен потенцијал. Но, во тоа време, пред десетина години, мораше да се прилагодиш на етничката и национална средина на која и припаѓаш.
Јас бев исклучок од правилото, што се покажа поволно за мене. Со дел од мојата „тајфа“, како што ги нарекувам и денеска пријателите од мали нозе (а некои од нив не сум ги видел со години), некогаш се потсетувам на времињата кога не бркаа групи постари деца, да не истепаат само затоа што ја немавме нивна етничка припадност или верска ориентација. Тие не знаеја дека јас не сум Македонец, не ги интересираше, не прашуваа и секогаш не тепаа заедно, а ние го трпевме сето тоа заедно.
Никогаш во основа не ги делев луѓето по етничка основа, но ја почувствував разликата кога еднаш отидов во Паркот, по барање на другар ми, да му правам друштво, сакал демек, да ме натера да го засакам фудбалот (пропадната клауза, според мене, но сепак, му се придружив). Одев со велосипед преку Калето, најблискиот и најубавиот пат до паркот според мене… Навистина се воодушевувам и ден-денес, кога го погледнувам сонцето како заоѓа кон Ѓорче и Влае, како метеор да паѓа и да ги обвива во пламени јазли кои не прекинуваат. Океан од бои кои не завршуваат…
Но, овој ден филингот беше малку поинаков. Го возев велосипедот полека кон договореното место – фонтаната на почетокот на паркот. Кога стигнав таму, видов голема група момчиња од една навивачка група, од кои добар дел гледаа во мене како да сум ја убил мајка им. И тогаш, се случи… Мојот другар, кој не е најбистрото каменче во барата, го изговори моето име на цел глас. И сите погледи се свртеа кон мене, го почувствував адреналинот што отиде директно во моите нозе. Срцето ми чукаше бесно и знаев дека треба да исчезнам. Неколку деца веднаш почнаа да трчаат по мене, врескајќи: „Шиптар! Фати го Шиптарот!“
Скокнаа и другарите на мојот другар, додека го вртев велосипедот и се обидував да избегам и ги смирија момчињата кои тргнаа по мене. Одеднаш сè се смири и друштвото кое ме познаваше дојде до мене да ме заштити, на некој маскулантен начин што до тој момент го немав забележано. Едноставно, не разбирав и не сакав да прифатам дека сум различен од нив, од кого било. И, особено, дека треба да бидам тепан поради тоа!
Тогаш ми рекоа нешто што ми ја смени перспективата на светот засекогаш: „Не е овој како другите. Од добрите е“
Се поздравив со другарот, за кого знам дека немаше лоша намера, но бев длабоко навреден. Од денешна перспектива, не бев толку лично навреден, колку за сите оние моменти кога мои блиски (а и други луѓе, во ситуации на кои сум бил сведок) осудувале некого само поради неговата етничка припадност или религијата. Тој момент беше моето будење. Оттогаш, ме дозволувам, пред мене некој да се чувствува различен или оттргнат од друштвото, поради национални или верски разлики.
И затоа, ме растажува кога го гледам моето Скопје како центар на насилнички дејствија за кои знам дека се предизвикани од надворешни фактори. Тоа го знам, бидејќи сум човек кој ги сака луѓето и се обидува да ги разбира и почитува. Тепачките кои се случуваат меѓу припадници на сите нации, оние детските или тепачките за девојка, или под дејство на алкохол…, нормално, не ги одобрувам. Но, и тие се некако, „понормални“ девијации во човековото однесување, во споредба со сè почестите, според мене, оркестрирани тепачки на улиците на мојот роден град. Толку закрвени насилници не се собираат лесно, без никој да знае. Некои политички структури, на кои сиот тој хаос им одговара, ги контролираат тепачките! Крајно време е да се освестиме и да разбереме дека ако не ги надминеме недоразбирањата кои не делат до срж, никогаш нема да се сплотиме.
И некој, од заднина, ќе не манипулира и контролира, засекогаш.
Ермин Климента
Извор: Цивил – Центар за слобода (18.08.2015). Не сакам да сум „еден од добрите„!