На интернет врие од навреди и меѓусебно плукање

Иако не може да се докаже дали говорот на омраза во последните години се зголемува, според истражувањата на организациите што се занимаваат со оваа проблематика, е сѐ поприсутен, особено на Интернет, а често и резултира со насилства или дела од омраза

Младите генерации растат во секојдневие во кое омразата е нормална

Младите генерации растат во секојдневие во кое омразата е нормална; Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ поприсутен говорот на омраза на социјалните мрежи

Погрдни зборови како комуњари, арамии, хохштаплери, плукачи, неписмени, подлизурковци, аналфабети, навреди на сметка на религијата, етничката припадност, сексуалната ориентација, националноста, дури и повикување на омраза и насилство секојдневно можат да се прочитаат на социјалните мрежи, форумите, блоговите. Се чини како секоја вест, особено ако е политичка, поврзана со партиите или религиите, како и со националноста, се користи како можност и поттик за да се етикетираат и да се отвори жестока дебата помеѓу граѓаните за „едните“ или „другите“, „подобрите“ или „полошите“, а не се изоставуваат ни етикетите и навредите на каква било основа. Иако не може да се докаже дали говорот на омраза во последните години се зголемува, според истражувањата на организациите што се занимаваат со оваа проблематика, е сѐ поприсутен, особено на Интернет, а често резултира со насилства или дела од омраза. Според познавачите, оваа појава треба да се казнува со ригорозни мерки, бидејќи тие што шират омраза, а не се казнети, даваат пример и создаваат впечаток дека ширењето омраза и повикувањето на насилство, убиства и војна се нешто „нормално“ и „пожелно“. Говорот на омраза е злосторство опфатено со членовите 319 и 394 од Кривичниот законик на Република Македонија. Во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија за 2014 година во делот за човековите права е нагласено: „Податоците за пријавување, истрага и гонење говор на омраза и дела од омраза не се собираат систематски, а треба да се зајакне и обуката за органите за спроведување на законот, обвинителите и судиите“. Според измените на Кривичниот законик и членот 394, казните можат да бидат од една до десет години затвор.

Предничи етничката омраза

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што го набљудуваат говорот на омраза преку нивната веб-платформа „Говорнаомраза.мк“ од април годинава, велат дека тој е најчесто врзан со конкретни настани од интерес на јавноста, кои се пренесуваат преку медиумите, а влијаат на бројот на регистрирани случаи на говор на омраза.

– На платформата забележавме дека, доколку се случи поголем инцидент, особено каде што етничката припадност на едната или на другата засегната група е во фокусот на случувањата, како што беа убиството на младото момче од населбата Ѓорче Петров и протестите во врска со пресудите за случајот „Смилковско езеро“, тогаш говорот на омраза се зголемува и трае подолг временски период. Најмногу се рефлектира на социјалните мрежи во делот за коментари или, пак, е потхранет од страна на одредени медиуми, како и носители на јавни функции. Во однос на досегашните собрани податоци, говорот на омраза по етничка основа го зазема првото, додека, пак, родовиот идентитет и сексуалната ориентација второто место – велат оттаму.

Дали говорот на омраза се зголемува од Хелсиншкиот комитет не тврдат со сигурност бидејќи немаат статистички податоци за споредба, но тоа што може да се потврди е дека е сѐ повеќе присутен во јавниот простор.

– Статистичките податоци укажуваат на тоа дека најголем број дела се поради етничка припадност, родов идентитет и сексуална ориентација, потврдувајќи ги барањата на комитетот кон извршната и судската власт сериозно да се однесуваат кон овие феномени бидејќи се нераздвојни – велат од Хелсиншкиот комитет.

Од фондацијата „Метаморфозис“, која ја одржува веб-страницата „Немрази.мк“, велат дека исто така немаат истражување за зголемувањето или намалувањето на говорот на омраза, но и според нив таквиот говор е сѐ поприсутен и расте и бројот на злосторства од омраза, кои се негова директна последица.
– Низа аналитичари укажуваат дека овој пораст е во директна врска со потребата на политичките центри на моќ да го одвлечат вниманието на јавноста од низа реални проблеми од економската и од општествената сфера. Говорот на омраза во Македонија најчесто се шири како дел од општиот националистички дискурс, кој, пак, е средство за стекнување и задржување политичка моќ и власт. Тоа се однесува и на говорот на омраза врз основа на етничка, национална, верска, сексуална и идеолошка припадност. Многу често тоа се прави и во „дневнополитички“ цели, но таквото долгогодишно „перење мозок“ остава трајни последици. Имаме веќе млади генерации што растат во секојдневие во кое омразата е нормална и кои на разни начини се учат да ги погазуваат и своето и туѓото основно човеково достоинство и индивидуалност – вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“.

Нема јавни податоци за казните

Во однос на казните за говор на омраза до овој момент нема јавно достапни податоци за тоа колку пати тој закон бил спроведен. Од информативно-едукативната веб-страница „Безомразно.мк“, чија главна цел е да ги информира граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза, велат дека во новата медиумска легислатива постои само забрана за говорот на омраза, но не постои санкција.
– Регулаторното тело, Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, сега не може да изрекува казни, тоа може да го прави само судот. Откако е донесена новата регулатива, не е поведена ниедна постапка за говор на омраза. И со старата медиумска регулатива имаше само три казни што беа изречени од СРД за три национални телевизии, две опомени и една забрана за рекламирање од два дена. Што се однесува до одредбите за дела сторени од омраза и поттикнување нетрпеливост во Кривичниот законик има само една пресуда, за палење на македонското знаме во Струга. Толку од имплементацијата на регулативата против говорот на омраза и ширењето омраза и нетрпеливост воопшто сите овие години. За жал, и самите институции се дел од проблемот, негувајќи култура на неказнивост за овие дела – вели Петрит Сарачини, уредник на „Безомразно.мк“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права е во фаза на собирање податоци од релевантните институции и сите судски инстанци за да утврди колку казни се изречени во период од речиси четири години.
– Очекуваме до крајот на ноември да ги добиеме одговорите, по што ќе имаме подобар увид во работата на институциите, но и судскиот систем за превенција и механизми на заштита од говор на омраза за граѓаните. На платформата за бележење на говорот на омраза имаме добиено пријави од граѓани и честопати во формуларот за пријавување не ги бележат местата наведени за тоа каде и кому се обратиле, односно не се обратиле. Тоа укажува дека граѓаните, иако не во целост, можат да препознаат говор на омраза, но кога е јасно видлив, и дека досега не искористиле правен механизам за да се заштитат – потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Политичарите и институциите како пример

Доследно спроведување на законот, едукација на граѓаните од најмали нозе, интензивна работа во медиумите и соодветно следење на коментарите под вести на социјалните мрежи или форуми и блогови, како и позитивен пример од политичарите, се некои од начините за превенција на ширењето говор на омраза.

– Најголема улога треба да одиграат институциите на системот и политичарите, кои треба доследно да ги спроведуваат законите и да претстават сосем друг, пристоен начин на одвивање на јавната дебата, со што ваквиот тип на јавно изнесување на ставовите ќе се смета за непримерен и неприфатлив. Причини за оваа појава има многу, а освен недостигот од едукација, предрасудите и стереотипите кон поинаквите, тука е односот на политиката, политичарите, на некои медиуми и медиумски работници и воопшто културата на неказнивост за овие дела, која доминира со нашето општество – објаснува Сарачини.
Со него се согласува и Стојановски, дека во моментов во Македонија владее култура на неказнување на злосторствата од овој вид.

– Доследното спроведување на законот не само што на краток рок би ги затворило некои од најмоќните извори на говор на омраза, кои произлегуваат од моќни мејстрим-медиуми, телевизии, радиостаници и весници, туку би дало и позитивен пример за сите нивни следбеници и заведени лица – вели Стојановски.


Не го одобруваат 96,6 отсто од испитаниците

Според истражување од „Безомразно.мк“ за религијата и присутноста на говорот на омраза во таа сфера, спроведено овој месец, високи 96,6 отсто не го одобруваат говорот на омраза на верска основа. И покрај тоа, од испитаниците што забележале таков говор во јавноста, поголем дел, 62,2 отсто, сметаат дека говорот на омраза кон припадниците на различните религиозни групи се зголемува, а повеќе од половина од испитаниците сметаат дека тој е најчесто насочен кон припадниците на исламот, додека околу една третина сметаат дека говорот на омраза е насочен кон православните. Во однос на политички мотивираниот говор на омраза, од истражување во декември минатата година, исто спроведено за „Безомразно.мк“, дури 79,4 од испитаниците забележале говор на омраза помеѓу политичарите и поддржувачите на политичките партии во земјата, а над 70 отсто сметаат дека тој се зголемува во последните години. Политички мотивираниот говор на омраза на интернет-страниците во највисок процент, 88 отсто, го забележуваат младите на возраст од 18 до 29 години, кои се најчести корисници на мрежата.


 Се пријавува на три начини

Откако во февруари годинава со измените на Кривичниот законик во Македонија стапија во сила новите законски одредби, кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење материјали преку Интернет што поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, граѓаните овие појави можат да ги пријават во Министерството за внатрешни работи. Доколку на Интернет се соочите со говор на омраза, односно со говор што е пристрасен, непријателски, злонамерен, насочен кон еден човек или група луѓе поради некои карактеристики што ги имаат или кои им се припишуваат дека ги имаат, можете да го пријавите на три начини, со пријавување во најблиската полициска станица, со јавување на дежурниот телефон 192 и со испраќање порака на интернет-адресата cybercrime@moi.gov.mk. Пријавувањето можете да го направите и анонимно, а вашата пријава од надлежните служби понатаму ќе биде проследена до јавниот обвинител, кој потоа го решава тоа по законски пат. Информации на овие теми може да се најдат и во упатствата и изданијата објавени на веб-страницата „Немрази.мк“, која е ресурсен центар за инцијативата за борба против говорот на омраза.

Автор: Марта Таневска

Извор: Нова Македонија (21.11.2014) На интернет врие од навреди и меѓусебно плукање

You may also like...