Младите во Македонија препознаваат говор на омраза во медиумите
Фондацијата Метаморфозис заедно со Младински образовен форум го спроведоа истражувањето „Млади и медиуми“ кое беше претставено во рамките на конференцијата “е-Општество: Млади и медиуми”. Истражувањето е спроведено во 11 земји од регионот а ги претставува состојбите околу младите и медиумите вклучувајќи 1734 млади, 65 медиуми, 37 младински организации, медиумски организации и институции.
Дел од истражувањето ја обработува и темата околи говорот на омраза и критичкиот пристап кој го имаат младите соочувајќи се со истиот во медиумите. Според истражувањето голем дел од младите одговараат дека при примање на содржина од медиумите помислуваат дека таа има за цел да навреди одредена група на луѓе и дека може да одредат кога станува збор за говор на омраза.
„Важно да се напомене е дека најголем дел од младинските организации никогаш немаат спроведено активности кои се во насока на објаснување или деконструкција на говор кој е двосмислен и говор на омраза. Според медиумските организации младите ретко се во можност да идентификуваат говор на омраза. Од друга страна младите во прашањата наменети за оваа тема, во голем процент одговараат дека тие понекогаш (32%) или често (39%) помислуваат дека одредена содржина содржии говор на омраза. Тие исто така наведуваат дека често идентификуваат содржина која според нив има за цел да навреди одредена група на луѓе. Медиумските организации истакнуваат дека имаат конкретни активности за спречување на говорот на омраза. Една од организациите има спроведено детална анализа на ситуацијата со говорот на омраза на интернет во Македонија, анализирајќи конкретни примери на медиумско покривање на ситуации во кои е забележано присуство на говор на омраза. Изминатата година започнати се неколку кампањи кои имаат за цел да се борат против говорот на омраза на интернет, од кои една е „Националната кампања против говорот на омраза на интернет“ спроведувана од Агенцијата за млади и спорт, а вклучени се скоро сите засегнати министерства и претставници од невладиниот сектор“, стои во истражувањето.
Според истражувањето слободата на медиумите и говорот на омраза, во последниот период во Македонија, се тема која е многу застапена и во медиумите и во извештаите. Меѓутоа ова не е карактеристична состојба единствено за нас , туку и во интернационални рамки фокусот е на ова прашање, како реакција на ситуации, каде говорот на омраза се користи и употребува, но не во отворена форма. Не постои унифицирана дефиниција за овој поим, но најчесто се користи дефиницијата од Препораката бр. R(97) 20 на Советот на Европа за говорот на омраза и тоа:
говор на омраза ги опфаќа сите форми на изразување, што шират, поттикнуваат,
промовираат, оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други
форми на омраза засновани врз нетрпеливост вклучувајќи и нетрпеливост изразена
преку агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон
малцинствата, емигрантите и лицата со емигранстко потекло.
Во националниот правен систем, Македонија, во однос на прашањето за „говорот на омраза“, се води и според неколку меѓународни документи кои ги има ратификувано. Па така, за ова прашање особено се почитуваат правилата на Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и релевантните препораки и прирачници на Советот на Европа и пресудите на Европскиот суд за човекови права. Република Македонија ги има прифатено овие акти во домашното право и притоа, има задолжение да ги применува како законски правила и норми.
Покрај меѓународните акти, ова прашање е регулирано и со законот што ги регулира медиумската и радиодифузната дејност, и тоа, Законот за медиуми, каде во член 4 се забранува објавување и емитување содржини во медиумите со кои се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на: раса, пол, религија или националност. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посебно се посветува на ова право и во Стратегијата за развој на радиодифузната дејност (2013 – 2017), каде во делот 1.6 – Програмски стандарди за човекови права се разработува прашањето за: дискриминацијата, стереотипите, непрофесионализацијата и непочитувањето на новинарските стандарди, како и говорот на омраза.
Според правната анализа на Академијата за судии и јавни обвинители, во Република Македонија не постои посебен закон со кој е комплексно уредена материјата на јавното информирање. Добра основа за развивање правен концепт на говорот на омраза претставува Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2010 година. Законот начелно ги забранува (член 3) секоја директна или индиректна дискриминација, повикувањето и поттикнувањето на дискриминација и помагањето во дискриминаторско постапување. Со Законот, како дискриминаторско однесување и постапување е дефинирано (член 5, став 4) секое активно или пасивно однесување на секое лице, од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи. Покрај другите, Законот ги предвидува како облик на дискриминација и вознемирувањето и понижувачкото постапување (член 7), дефинирано како повреда на достоинството на лице или на група лица, кое произлегува од дискриминаторска основа и кое има за цел или резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. Посебно се издвоени и повикувањето и поттикнувањето на дискриминација (член 9): како дискриминација ќе се смета и секоја активност со која некое лице директно или индиректно повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува друго лице да изврши дискриминација. Во надлежност на Комисијата за заштита од дискриминација, Законот вклучува (член 24) постапување по претставки за случаи на дискриминација и поведување иницијатива за започнување постапка пред надлежните органи поради сторени повреди на Законот. Законот предвидува и судска заштита што се остварува со поднесување тужба пред надлежен суд од лицето кое смета дека поради дискриминација, му е повредено некое право (член 34 и сл.). Предвидена е и прекршочна одговорност за повикување или поттикнување на дискриминација и за помагање во дискриминаторско постапување на која било дискриминаторска основа (член 42) и за повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.
Во наведената правна анализа се споменуваат неколку примери каде Советот за радиодифузија (сега Агенција) реагирал на поттикнувањето национална, расна, полова и верска омраза во одредени програмски содржини. Од друга страна, надлежните органи, како МВР или Јавното обвинителство, не презеле ниту една иницијатива за поведување казнени или прекршочни постапки за организаторите или учесниците на спортски натпревари каде постоел говор на омраза, иако Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари предвидува казни (членови 13 и 14).
Секогаш при анализирањето за постоењето на некое човеково право, важно е да се разгледува како е регулирано формално и како се применува во пракса. Во Македонија има огромна разлика од хартија до реалност по прашањето за „говорот на омраза“. Во оваа смисла, на македонските медиуми им е тешко да оценат кога ја практикуваат слободата на изразување, а кога завлегуваат во дискриминација при известувањето за различностите, особено врз основа на: род, сексуална ориентација или припадност кон некоја маргинализирана група. Тешкотијата кај утврдувањето на говорот на омраза претставува тоа што овој говор не се манифестира неизбежно како омраза или емоции, туку напротив, може да биде сокриен во изјави кои на прв поглед може да се чинат рационални и нормални. Меѓу најголемите проблеми, кои се препознатливи за медиумите, најчесто е употребувањето на поимот „маргинализирана група“. Најчесто, во своите известувања за овие групи, медиумите не ги препознаваат дискриминацијата и социјалното исклучување кои ги прават, како и коментарите што следуваат за овие објави, најчесто во форма на националистички изјави, хомофобија, стереотипи и предрасуди коишто се манифестации на говорот на омраза. Понатаму, едно од горливите прашања за медиумите во последно време е и геј заедницата, за што може да се сретнат многу објави во кои и од прв поглед може да се насети говорот на омраза. Најчесто, кон овие групи се пристапува и со огромен степен на стереотипизација и намалување на човековите права, со оглед на нивната сексуална определба. Овие објави понатаму го поттикнуваат и онлајн говорот на омраза застапен на социјалните мрежи.
Агенцијата за млади и спорт има формирано Национален комитет за борба против говорот на омраза на Интернет, а заедно со невладината организација Центар за меѓукултурен дијалог, ја спроведуваат кампањата „Против говорот на омраза на Интернет“. Оваа кампања, сепак, не е стратегија со која на долгорочен план би се елиминирал и лоцирал говорот на омраза, но претставува соработка меѓу невладиниот сектор и државните институции со цел да се утврдат формите и перцепциите за говорот на омраза во интернет-просторот. Тие предвидуваат вклучување на младинските организации и на онлајн активисти во развивање способности и онлајн алатки за преземање акција за заштита на човековите права во онлајн просторот, како и формирање мрежа на активисти за човекови права и нивна обука во онлајн кампањата против дискриминацијата по различни основи.
Во годишните извештаи на Комисијата за заштита од дискриминација може да се види колку претставки биле поднесени за различните видови дискриминација, но сепак, ни една од нив не е директно за говор на омраза. Во препораките, кои ги дава Комисијата за заштита од дискриминација, се порачува дека е потребно сите надлежни органи, во согласност со сопствените овластувања, да обезбедат координирана работа во насока на потиснување на медиумската промоција на: говор на омраза, насилство, нетолеранција и дискриминирачки ставови, со посебна нагласка на улогата на јавните радиодифузни сервиси и јавните претпријатија. Се порачува токму тие да бидат главни промотори на идејата за еднаквост, толеранција и недискриминација, така што преку нивните дејствувања да придонесат за подигнување на јавната свест, како кај граѓаните така и кај сите релевантни чинители во општеството, за проблемот на дискриминацијата, за сфаќањето на концептот на недискриминација, како и да придонесат за промени на социјалните и културните модели базирани на стереотипите и предрасудите кон малцинствата и маргинализираните групи во општеството.Во делот каде им се објаснува на граѓаните како да поднесат претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, од Комисијата потенцираат дека од суштинско значење е да се работи на промената на свеста кај граѓаните, но, исто така, и на едуцирање на граѓаните за подобро разбирање на облиците на: дискриминација, говор на омраза, вознемирување, малтретирање и друго.
Иако не постои официјална стратегија против говорот на омраза, Министерството за труд и социјална политика има изработено Стратегија за еднаквост и недискриминација по основ на етничка припадност, возраст, ментална и телесна попреченост и пол,но таму не се споменуваат случаите на дискриминација поради говор на омраза.
Целата верзија од истражувањето можете да ја превземете од овде.