Куманово, град на толеранција или нетолеранција?
Автор на текстот: Љуми Бекири
Национализмот и другите видови на омраза се повеќе ја рушат традицијата за толеранција на Куманово. Градот се дели на наш и нивен. Од каде наеднаш доаѓа една огромна поделба на граѓаните, кои со векови се познати по тоа што живееле заедно, разменувале култури и традиции и се почитувале токму поради различностите што го прават градот многу поубав?
Постарите генерации жители на овој град се чувствуваат загрозено поради нивната и безбедноста на младите. Тие велат дека најголема кривица за ова имаат политичките партии, кои го поделија народот на многу полиња. Различноста која што го прави светот многу поубав во глобала, се гледа како закана за толпата која што размислува на една иста фреквенција, со исперен мозок од власта и полно срце омраза, се изјаснуваат помладите генерации кои одбиваат да живеат во оваа поделба.
Младите активисти и борци за човекови права се изјаснуваат дека што повеќе поминува времето и што повеќе тонеме во таканаречена демократија, кај луѓето се повеќе се раѓа омразата и поделбата на различни основи. Најоштетени групи на општеството можеме да кажеме дека се маргинализираните заедници, особено ЛГБТ заедницата. Хомофобијата и трансфобијата заземаат една нормализација во нашево општество, што ја руши нејзината цивилизациска вредност и ги нарушува човековите права и слободи. Луѓето не сметаат дека нивната изразена и отворена хомофобија е штетна и дека можеби баш поради тоа некому ќе го чини живот.
Освен навредливите зборови, сфаќања и графити кои што го уништуваат градот, хомофобијата е изразена и во физичко насилство. ЛГБТ луѓето се стигматизирани и оделени од целото општество, живеат во страв и несигурност за нивното утро. Државните институции молчат и не преземат ништо, дури и кога има насилно однесување према нив.
Од СВР Куманово тврдат дека имале такви случаји и дека сите се расчистени, додека припадници на ЛГБТ заедницата велат дека ништо не е преземено, дури и не ги сфаќаат озбилно во полиција кога пријавуваат, со што им се зголемува стравот за нивната слобода и безбедност. Некои ЛГБТ лица дури повеќе стравуваат од полицијата, него ли од насилниците.
Истиот случај го имаме и со Ромите, кои се исто така оставени на маргините на оваа општество. Ромите изгубиле надеж дека ќе се смени ова општество полно со предрасуди и стереотипи кон нив и дека утре ќе живеат мирно и слободно, како што живееле претходно.
Додека членови на УМС ВМРО ДПМНЕ Куманово пред изборите најавија дека ќе бришат графити кои содржат говор на омраза низ Куманово, по улиците на градот сеуште бодат во очи навредливите графити, кои повикуваат на линч на одредени етнички, религиски или сексуални групи.
Извор: NovaTv.mk, 07.05.2014.