Кон „дефиниција“ на „говор на омраза“: Студии на случај

Јулиус Штрајхер, последен десно на митинг во Нирнберг 1937 година. Фото: German Propaganda Archive

Јулиус Штрајхер, последен десно на митинг во Нирнберг 1937 година. Фото: German Propaganda Archive

Анализата на пресудите против Јулиус Штрајхер и медиумските лидери од Руанда може да ни помогне да препознаеме што е говорот на омраза и кога говорот на омраза од страна на новинари и медиуми се третира како највисок криминал од страна на судовите за воени злосторства

 

Пишува: Жарко Трајаноскимагистер по човекови права

 

Дали новинар(к)ите може да бидат oсудени како злосторници против човештвото?

 „Човек не би требало да биде осуден за она што го вели или пишува освен ако не е поттикнување на кривично дело“ (Џон Паркер, судија на Нирнбершките процеси)

Двапати досега имав прилика на група новинар(к)и да им го поставам следново прашање: Дали ви е познато некој новинар да бил осуден на смрт заради своите објавени статии? И двапати добив негативен одговор.

Но, на општо зачудување на новинар(к)ите, одговорот на ова прашање не е негативен. Јулиус Штрајхер – новинар, издавач и уредник – е осуден на смрт на Нирнбершките процеси во 1946 година најмногу заради неговите написи кои ги објавувал во неговото популарно издание „Јуришник“ („Der Stürmer“). Прашањето дали говорни чинови можат да претставуваат злосторство против човештвото повторно беше актуелизирано од страна на Меѓународниот кривичен суд за Руанда, кој донесе три осудителни пресуди против медиумски лидери во врска со поттикнување на геноцид.

Наравоучението од овие контроверзни судски процеси не е само дека и новинар(к)ите можат да бидат осудени како злосторници против човештвото. Анализата на пресудите против Јулиус Штрајхер и медиумските лидери од Руанда може да ни помогне да препознаеме што е говорот на омраза и кога говорот на омраза од страна на новинари и медиуми се третира како највисок криминал од страна на судовите за воени злосторства.

 

Наци-пропагандистот на суд

 „[„Јуришник“] е средство за образување во национал-социјалистичкото мислење. [„Јуришник“] е водич за решавање на Еврејското прашање.“ (Јулиус Штрајхер, за улогата на „Јуришник“, 1935)

Издавачот на „Јуришник“ Јулиус Штрајхер е обвинет поради злосторства против човештвото, како гласноговорник за уништување на Евреите. Обвинителот се обидувал да докаже дека Штрајхер во своите говори и написи „го инфицираше германскиот ум со вирусот на антисемитизмот“ и дека ги поттикнувал Германците активно да ги прогонуваат Евреите.

Како клучни докази во процесот против Штрајхер, обвинителството приложило 26 написи (од август 1941 – септември 1944) од „Јуришник“ (дванаесет напишани од Штрахјер) во кои се бара уништување и истребување на Евреите. На пример, написот на Штрајхер од 25-ти декември 1941 претставува школски пример за говор на омраза и пропаганда која сее ужас:

„Ако на опасноста од размножување на тоа божјо проклетство во еврејската крв конечно треба да му дојде крај, тогаш има само еден начин – истребување на тие луѓе чиј татко е ѓаволот.“

Евреите се демонизирани како „луѓе чиј татко е ѓаволот“ и дехуманизирани како „божјо проклетство“ и опасност која треба да се отстрани со истребување. Во написот од февруари 1944 Штрајхер ги криминализира не само Евреите, туку и оние што се однесуваат како нив, агитирајќи за нивно уништување :

„Кој го прави она што Евреинот го прави е злобник и криминалец. А тој што го повторува и сака да го копира ја заслужува истата судбина – уништување, смрт.“

Исто така, обвинителството изнело како доказ и мноштво написи од „Јуришник“ пред 1941 год., како и негови политички говори во кои се агитира за уништување на Евреите.

 

Одбраната на хорор-пропагандистот

 

„Во сите тие дваесет години никогаш не напишав: „Запалете ги еврејските куќи; претепајте ги Евреите до смрт.“ Никогаш такво поттикнување се нема појавено во „Јуришник“ (Јулиус Штрајхер)

Клучните аргументи во одбраната на Јулиус Штрајхер биле дека тој никогаш не повикал на убиство и дека не може да се докаже дека некое убиство на Евреи било резултат на поттикнување кое било причинето од страна на неговите јавни говори и објавените написи во „Јуришник“.

 

Млади читаат издание на Штурмер (Јуришник), поставено пред седиштето на Нацистичката партија. Фото: holocaustresearchproject.org

Млади читаат издание на Штурмер (Јуришник), поставено пред седиштето на Нацистичката партија. Фото: holocaustresearchproject.org

Според Штрајхер, неговата намера не била да агитира или потпалува, туку да просветува, согласно одлуките на „фирерот“ дека секој весник треба да има просветувачки написи за еврејското прашање.  „Јуришник“ бил само едно од низата „просветувачки“ изданија за еврејското прашање, кое имало најпопуларен пристап. Инаку, самиот Штрајхер бил за „создавање на Еврејска држава и со тоа уништување на моќта на Евреите во рамките на нациите“.

Кога обвинителот му ги посочува пасусите од „Јуришник“ во кои изјавува дека Евреите си ја заслужиле судбината („уништување, смрт“), Штрајхер одговара дека неговите зборови немаат ништо со „големиот политички план“ и дека треба да се прави разлика помеѓу новинарски напис и „голема политичка цел“.

Во еден момент, обвинителот му ги посочува споредбите на Евреите со „чума која мора да биде целосно искоренета“:

„Дали велиш сега кога си рекол „мора да бидат целосно искоренети“ – си сакал да кажеш „треба да им се даде Еврејска национална држава“?“

Штрајхер одговара потврдно:

„Да, има огромна бездна од таква изјава во напис до акт, или до волја, да се изврши масовно убиство.“

Потоа, обвинителот му предочува друг напис на Штрајхер, во кој објавил:

„Кога ќе ја изгуби оваа борба, јудаизмот ќе биде урнисан, и тогаш Евреинот ќе биде уништен. Тогаш јудаизмот ќе биде поништен до последниот човек.“

И пак го прашува обвинетиот:

„Дали од овие зборови треба да читаме: Обезбедете им на Евреите Еврејска национална држава?“

Штрајхер одговара дека тоа е негова визија за иднината, а не поттикнување на убиство на 5 милиони луѓе:

„Тоа е визија на иднината. Би сакал да го наречам изразување на пророчка визија. Но, тоа не е поттикнување на убиство на 5 милиони Евреи. Тоа е гледиште, прашање на верување, на убедување.“

Дури и кога во неговите написи се спомнува изразот уништување, се брани Штрајхер, истиот „не треба да се разбира како уништување преку масовно убивање“.

Ужасот на Аушвиц: гребење по ѕидови додека во просторијата навлегува смртоносниот гас. Фото:  Simon Roberston, 2004 година.

Ужасот на Аушвиц: гребење по ѕидови додека во просторијата навлегува смртоносниот гас. Фото: Simon Roberston, 2004 година.

Штрајхер се брани и дека воопшто не знаел за масовните убиства на Евреите, дека првпат чул за нив кога го ставиле во затвор. Во однос на обвинението дека ги поттикнувал масовните убиства на Евреите, Штрајхер се обидува да ја лоцира одговорноста во „Фирерот“, во кого била сконцентрирана целокупната моќ по 1937, и кој не можел да биде под ничие влијание:

„Но, масовните убивања не беа резултат на просветување, или како што вели обвинителството – поттикнување. Масовните убивања беа последни акти на волјата на еден голем човек на историјата кој веројатно бил очаен, бидејќи согледал дека нема да победи.“

 

Пресудата и извршувањето

Меѓутоа, Нирнбершките судии воопшто не биле убедени дека одговорноста треба да се лоцира единствено во „Фирерот“. Не биле убедени ни дека не знаел за судбината на Евреите на исток, а ни дека неговите пишувања просветувале, а не поттикнувале на убиство и истребување:

 „Штрајхеровото поттикнување на убиство и истребување во време кога Евреите на исток биле убивани во најужасни услови јасно конституира прогонување врз политичка и расна основа, во врска со воени злосторства… и конституира злосторство против човештвото.“

Она што е интересно и контроверзно во судскиот случај против Штрајхер, е дека Нирнбершкиот суд не утврдува директна врска помеѓу антисемитските написи во приватното списание „Јуришник“ и конкретен случај на насилство против Евреите. Според судиите, доволно било тоа што нашироко распространетиот „Јуришник“ инјектирал отров во умовите на илјадници Германци – отров кој предизвикал да ги поддржат национал-социјалистичките политики на прогонување и уништување на Евреите. Накусо, обвинетиот Штрајхер бил осуден за прогонување, бидејќи го поттикнувал германскиот народ на активно прогонување на Евреите, преку публикации кои поттикнувале на убиство и истребување.

Штрајхер бил осуден на смрт со бесење и непосредно пред извршувањето на пресудата го поздравил со “Heil Hitler!” својот мртов „Фирер“, кој „имал таква моќ на хипнотичка сугестија што целокупниот народ верувал во него“.

 

(Продолжува: „Говорот на омраза во „Јуришник“ и во другите изданија на Јулиус Штрајхер“)

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 15. 01. 2014.

You may also like...