Како да го препознаеме говорот на омраза?
Политичката критика на поединци во власта (со која се бара проширување на правата и слободите на граѓаните и поголема одговорност на власта) и самокритиката како припадник на една етничка заедница (со која се поттикнува критичкото мислење на приадниците на сопствената група на која некој и припаѓа), никако не може да бидат идентификувани како говор на омраза.
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Не секоја употреба на непристојни, навредливи или провокативни изрази претставува говор на омраза.
Прво, навредата и клеветата можат, но не мора да бидат дел од говор на омраза. За да станат говор на омраза тие мора да исполнат одредени суштински елементи.
Второ, многу често слободата на говорот подразбира употреба на метафори, иронија, сарказам, епитет, хипербола, парадокс, со цел критика на власта, отворање на одредени теми за расправа, изразување на незадоволство, побуна, оспорување на одлуките на власта. Се додека тие не се претворат во говор на омраза, претставуваат легитимна алатка во односите меѓу граѓаните и власта.
Трето, не може под говор на омраза да се подведе секое искажано мислење кое не ѝ се допаѓа на мнозинската јавност или на власта. Искажаните мислења можат да предизвикаат непријатност, несогласување или отпор кај голем дел од граѓаните, но не се говор на омраза сѐ додека со нив не се ограничува или оневозможува практикувањето на некое/нечие право. Тоа што некој е шокиран од нечие мислење или нечиј став не значи дека автоматски е жртва на говор на омраза.
КОИ СЕ ЕЛЕМЕНТИТЕ ШТО ГО СОЧИНУВААТ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА
За некоја навреда, клевета, непристојно изразување, метафора, иронија, саказам, да станат говор на омраза, треба да бидат исполнети некои суштински елементи,
Прво, во препознавањето на говорот на омраза тргнуваме од тоа дали во говорот има стереотипи, дали се базира на предрасуди кон одредена група луѓе, дали промовира дискриминација, дали создава непријателска атмосфера за работа и живеење на одредена група луѓе заради нивните карактеристики и дали директно или индиректно доведува до ограничување на практикувањето на правата и слободите на секој човек.
Второ, говорот на омраза подразбира постоење на намера (за поттикнување нетолеранција, расизам, поттикнување на насилство или друга омраза, но не и намера за информирање на јавноста за прашања од општ интерес), контекст (не станува збор за критичко делување, туку станува збор едноставно за ширење на стереотипи и предрасуди), последица (општествено штетните консеквенции предизвикани со таквото изразување).
Трето, не се говор на омраза искажаните мислења кои повикуваат на проширување на границите на правата и слободите (повеќе права за поголем број луѓе).
Ако го имаме предвид ова, лесно може да ја направиме границата меѓу она што претставува говор на омраза и она што претставува агресивна критика на власта.
Како пример може да го земеме тврдењето искажано на порталот Република (кое потоа беше проширено и во неколку други медиуми) според кое во твитовите на новинарот Бранко Тричковски се употребува говор на омраза. Според Република (и останатите медиуми кои го дистрибуираат написот) твитовите:
Ако го убијам Груевски дали медиумите ќе известат дека Македонец убил лудак?
Македонија ќе тргне напред кога премиерот ќе отвори некоја книга
И Хорхе сакал да го врати мандатот, ама никој не му го сакал
И државата може да биде успешна ако остане без Македонци, не само ракометот
Ако е новиот крст на аеродром христова воља, тогаш е Исус обичен измамник
Сакам да убијам некого па ме интересира кои националности гарантираат најголем крш по мртва глава.
претставуваат говор на омраза.
За да стане збор за говор на омраза во овие твитови:
- Недостасуваат стереотипи и/или предрасуди кон одредена група луѓе (односно кон поединци како припадници на таа група луѓе).
- Недостасува повикување или промовирање на дискриминација и создавање непријателска атмосфера за работа и живеење на одредена група луѓе заради нивните карактеристики.
- Недостасува ограничување на практикувањето на правата и слободите за припадниците на одредена група луѓе заради некоја карактеристика која ја споделуваат како припадници на таа група.
- Недостасува поттикнување или повикување на насилство кон одредена крупа луѓе заради нивните карактеристики.
ЗОШТО ПОЛИТИЧКАТА КРИТИКА И САМОКРИТИКАТА НЕ СЕ ГОВОР НА ОМРАЗА
Напротив, самите твитови промовираат рушење на стереотипите и предрасудите со употреба на соодветни стилкси фигури, насочени се кон обезбедување на еднаквост и претставуваат критика на власта заради постапките со кои се нарушува еднаквоста, и насочени се кон овозможување на практикувањето на правата и слободите на граѓаните.
На пример, твитот:
Македонците се хендикепирани луѓе на кои треба да им се овозможи да гласаат еден или два дена порано
претставува критика на ситуацијата во која се злоупотребува институтот гласање на болни и немоќни лица од страна на власта (што е видливо од зголемениот број лица кои гласаат на ваков начин во ситуација кога е засилено ограничувањето дадено во легислативата), како и критика на ситуацијата на очигледно отсуство на слобода на избор на граѓаните и нивно покорно прифаќање на ваквата ситуација.
Политичката критика на поединци во власта (со која се бара проширување на правата и слободите на граѓаните и поголема одговорност на власта) и самокритиката како припадник на една етничка заедница (со која се поттикнува критичкото мислење на приадниците на сопствената група на која некој и припаѓа), никако не може да бидат идентификувани како говор на омраза.
Меѓутоа, многу често, власта која е изложена на критика се обидува критиката да ја подведе под законските одредби на навреда, клевета, па и говор на омраза. Во тој момент забраната за говор на омраза од заштитен механизам за граѓаните, станува заштитен механизам за власта.
Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 03.06.2014.