Говор на омраза на Музејот на албанската азбука во Битола!

Платформата против говор на омраза[1] го осудува настанот во кој е демолиран Музејот на албанската азбука во Битола[2]. Имено, на Денот на албанската азбука 22ри ноември, во доцните вечерни часови непознати сторители го вандализирале Музејот на албанската азбука во Битола, притоа испишувајќи текст кој содржи говор на омраза врз етничка припадност односно упатува навредливи и понижувачки пораки кон албанската етничка заедница. Ова е четврт ваков напад над Музејот. Претходниот инцидент се случи пред само 10 дена[3] при што на влезната врата на Музејот беше испишан кукаст крст, а првиот и вториот инцидент се случија во мај и јули 2013 година[4].

Платформата упатува повик до надлежните органи да преземат итни мерки за гонење и казнување на сторителите.  Ги повикуваме надлежните државни институции, Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза. Потсетуваме дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза. Дотолку пострашно, се охрабрува неговото користење кое неизбежно води кон опасност да предизвика и резултира со дела од омраза. Во демократско општество во кое се промовира толеранцијата, еднаквост и соживот, не треба да се остави простор за опстојувањето на говорот на омраза и да се толерира неговата употреба.


[1] Членови на Платформата се Хелсиншки комитет за човекови права, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Метаморфозис- фондација за интернет и општество, МИМ- Македонски институт за медиуми, Цивил МК, Пактис- Прилеп и Мултикултура – Тетово, Младински образовен форум (МОФ).

[2] http://24vesti.mk/vandalizam-oshteten-muzejot-na-albanskata-azbuka-vo-bitola

[3] http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/344

[4] http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/45

http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/75

You may also like...