Две години затвор за Македонец кој ширел нацистичка пропаганда

Судот во австрискиот град Санкт Пeлтен му одреди двегодишна затворска казна на македонски државјанин кој преку социјалните мрежи го величал Хитлер.

0,,18988558_303,00

Пораката „Хитлер врати се“ на Фејсбук испрати 26-годишен Македонец на издржување двегодишна затворска казна во Австрија. Судската порота во градот Санкт Пeлтен во четвртокот (7.4.2016) едногласно го прогласи за виновен за ширење нацистичка пропаганда, што е строго забрането во повеќе европски земји.
Македонецот, по занимање готвач, пред Судот се правдал дека не знаел оти вршел кривично дело. Тој се доселил во Австрија во 2013 година, а неговата сопруга Австријка веднаш го предупредила дека не смее во јавност да го покажува своето голо тело затоа што на градите имал истетовирано свастика. Македонскиот државјанин објаснувал дека свастиката не е нацистички, туку „македонски симбол“ со долга традиција кој се наоѓал и на археолошко наоѓалиште во Македонија и имал сосема поинакво значење. Свастиката ја истетовирал од патриотски причини.
Тетоважата сепак не била пресудна во случајот, туку неговите постови на Фејсбук и Интернет на кои ставал фотографии од германски војници со свастики и слики на Хитлер. Во една дискусија околу бегалците ги „поздравил“ своите соговорници со „Зиг Хајл“ и повикал „Да се врати Хитлер“.
За австриското обвинителство, ваквото однесување претставува ширење на нацистичка идеологија, а таквото мислење го прифатил и судот.
Објективно погледнато неговиот клиент е виновен, изјави Георг Бургер, адвокат на 26-годишниот Македонец, кого јавниот обвинител Патрик Хинтерлајтнер го товареше за величење на националсоцијализмот преку интернет со што го прекршил законот за забрана на нацистичка пропаганда во Австија.
Според јавниот обвинител личните ставови на обвинетиот не се правно релеванто. „Секогаш одлучувачко е она што се изнесува јавно“, го цитира австрискиот интернет портал мајнбецирк.ат обвинителот Хинтерлајтнер. Тој во неговиот завршен збор потенцираше „ До објавувања од ваква форма (интернет) пристап има голема група луѓе и може да се каже дека тие служат за тоа да се поттикнува нацистичката идеологија или да се засилува“.

Извор: Дојче Веле на македонски (09.04.2016); Две години затвор за Македонец кој ширел нацистичка пропаганда

You may also like...