Да се објави или не?

Многу е важно да се препознаваат вестите што имаат потенцијал да генерираат општествено неприфатливо поведение, да се анализираат нивните атрибути и внимателно да се донесуваат добри уреднички одлуки. 

yuan2003

 

Пишува: Биљана Илиќ

 

Со кусо предупредување дека станува збор за „скандалозно расистичко видео“ кое се однесува на Ромите, на Сорос и на СДСМ, само со една скромна реченица текст, еден портал деновиве објави неспорно расистички и навредувачки видео-запис, дело на извесна опскурна личност (со која истиот портал подоцна направи и интервју). Интересно е да се каже дека видеото е поставено на Јутјуб во октомври 2011 година и нејасно е која била причината тоа сега да се извади „од нафталин“ и да се актуелизира.

 

КАКО ДА СЕ ИЗВЕСТУВА ЗА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА

 

Овој случај нѐ води кон една стара етичка дилема во новинарството – дали и како да се известува за говорот на омраза и за сличните настани и појави кои имаат потенцијал за вирулентно генерирање на општествено неприфатливо поведение? Пред појавата на интернетот, новинарската етика имаше сосема конкретен одговор на ова прашање. Препорака беше таквите вести да не се објавуваат. Во теоријата често се спомнуваше примерот на една објавена вест за исцртани кукасти крстови на една синагога во Америка, која довела до тоа оваа појава да се повтори во повеќе други градови.

Денес, длабоко во ерата на интернетот, прашањето „дали нешто треба да се објави“ речиси и да губи смисла. Понекогаш, особено како во спомнатиот случај, кога навистина немало професионална причина да се преобјави нешто што одамна е постирано на Јутјуб, се чини дека одлуката да не се објави би била разумна и пожелна. Дотолку повеќе што нема начин да се избегнат негативните ефекти од објавувањето – многу луѓе со љубопитство, а некои и со уживање, ќе го изгледаат скандалозното видео и нема многу да им значи тоа што е оквалификувано како расистичко. Веројатно ќе има и такви што оваа содржина ќе ја доживеат како инспирација за сопствен придонес во ширењето на говорот на омраза.

Не ни е намерата да ја осудуваме постапката на порталот, бидејќи на сличен начин се однесуваме речиси сите во медиумите кога известуваме за случаите на говор на омраза. Познато е дека безмалку секој пост во кој еден наш познат новинар демонстрира жесток говор на омраза, доживува десетици преобјавувања, не само на социјалните мрежи, туку и во медиумите. Иако најчесто неговиот говор на омраза се коментира со остра осуда, како што и заслужува, неговото претерано присуство во медиумите, сепак,придонесува кон ширењето на неговиот дискурс – таа личност така станува сѐ попопуларна и повлијателна.

 

РЕАКЦИИТЕ И „КРЕАТИВНАТА АНАРХИЈА“ НА ИНТЕРНЕТ

 

Според тоа, зборуваме за дилема која сите нѐ оптоварува и за која немаме едноставен и дефинитивен одговор. Случајот што го анализираме покажува какви можат да бидат последиците од една погрешна одлука. Имено, по објавувањето на скандалозното видео, до медиумите соопштение испрати Партијата за целосна еманципација на Ромите. Во реакцијата се тврди дека „низ социјалните мрежи во вид на видео запис се врти видео нарачано најверојатно од канцеларијата односно од кујната на лаги и невистини“ (при што се алудира, очигледно, на владеачката партија). Тоа веројатно можело да се претпостави во 2011 година, но денес сепак тоа не е точно.

Дополнително, г-н Самка Ибраимовски, лидерот на ПЦЕРМ, бара „видеото да биде повлечено од социјалните мрежи на интернет од страна на творците од членовите на ДМПНЕ кои се платени за ова и јавно да се извинат за нивните расистички навреди пред целата јавност“. За жал, ова барање е бесмислено и спротивно на освоените слободи и „креативната анархија“ која владее на интернет – никој нема обврска, а веројатно нема ни желба, да постапи според ова барање –  на засегнатата партија, чија вознемиреност од навредите содржани во овој материјал е оправдана. Конечно, клучен проблем е на кој начин оваа реакција би можела да биде објавена во други медиуми, без при тоа да се избегне опасноста да се наведе изворот (и при тоа да се стигматизира тој што ја објавил веста, поради една непромислена постапка) и без да се објави спорното видео или барем линк што води до него – ако тоа го сторат, медиумите ризикуваат да земат учество во популаризацијата на расистичкото видео и евентуално да генерираат слично поведение во иднина.

 

БРЗИНАТА И ПОГРЕШНИТЕ ОДЛУКИ

 

Единствениот добар совет што може да се даде за ваквите случаи е добро да се размисли пред нешто да се објави. Брзината често може да доведе до непромислени и погрешни одлуки. Така, пред извесно време, ден пред големиот верски празник Рамазан Бајрам, заедно со мноштвото македонски портали и традиционални медиуми, Плусинфо, повикувајќи се на руско радио, објави вест дека во Македонија се обучуваат исламски фундаменталисти. На социјалните мрежи беше предупредено дека станува збор за веројатен спин од сомнителен извор (интервенција на г-н Ѓунер Исмаил). Плусинфо ја повлече веста и јавно се извини. И МВР подоцна ја демантираше таа шпекулација. Тоа, се разбира, не може да ги поправи штетните ефекти што ги предизвика веста.

Многу е важно да се препознаваат вестите што имаат потенцијал да генерираат општествено неприфатливо поведение, да се анализираат нивните атрибути и внимателно да се донесуваат добри уреднички одлуки. Во 2011 година, кога било објавено спомнатото расистичко видео на Јутјуб, добра уредничка одлука било за тоа да се извести јавноста, но аголот на приказната да биде таков што читателот не би бил доведен во дилема дали авторот ја критикува појавата или само собира кликови. Во 2013 година, објавувањето на ова видео, во било каква форма и со било какви придружни коментари, е етички прекршок.

А кога човек ќе згреши (кој работи, нели, тој и греши), најдобро е да ја исправи грешката ако може и да се извини.

 

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 17.08.2013

You may also like...