Алармантна е состојбата со слободата на изразување во Македонија

SLIKA-EMILIJA-MKC

Секој што има критичко мислење кон оваа власт е нападнат без оглед дали станува збор за медиумска хајка или физички напади кон неистомисленици. Цензурата во медиумите царува. Во исто време, новинари професионалци остануваат без работа и без егзистенција. Ова се дел од поентите што денеска можеа да ги чујат битолчани на трибината „Слобода во слободата на изразувањето“, организирана од НВО Ифоцентар во просторитте на МКЦ во Битола.

Новинарката Анета Блажевска, која минатата година беше тужена од битолскиот градоначалник за пренесена изјава од седница на Совет, рече дека цензурата во медиумите е влезена на големи врати. Автоцензурата кај новинарите, според Блажевска, беше практика сè додека политичарите не почнаа масовно да тужат новинари за нанесена душевна болка. Сега уредниците ја практикуваа цензурата и тоа без пардон, смета таа.

– Кај нас веќе нема пазар на информации. Никој веќе не ви нуди факти, туку медиумите наголемо манипулираат со јавноста. Критичките новинари остануваат без работа – рече Блажевска.

Според Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот, слободата на изразување преминува и во физички напади.
– Треба да се направат темелни промени кога станува збор за слободата на изразување. Тоа не може да се случи од денеска за утре. Тоа кај медиумите е тежок проблем ако не постои политичка волја да имате слободни медиуми во државата. Само така работите може да одат напред. И дури кога би постоела најдобрата законска рамка, најважно од сè е да имате политичка волја за темелни промени во слободата на изразување – рече Бејкова.

Извор: Meta.mk – Новинска Агенција (28.04.2015). Алармантна е состојбата со слободата на изразување во Македонија

You may also like...