ЗНМ: 2009.11.03 – Одговор на претставка на ХОПС за напис во Вечер

Вторник, 03 Ноември 2009 Советот на честа ја разгледа преставката од здружението на граѓани „ХОПС“ за написот на весникот „Вечер“ објавен на 31.10.2009 година со наслов „За пропедерските изјави Владе Милчин ќе оди на суд“. На насловната страница текстот е најавен со друг наднаслов: „Конечно: Милчин од Сорос и уште двајца истомисленици… Ќе одат на суд за клевета. Ги штитат педерите, а ги напаѓаат сите други!“ И на насловната страница, и на втората страница се објавени сензационалистички порнографски фотографии. Текстот не е потпишан, ниту е наведено од каде се преземени фотографиите и кој е нивниот автор.

Советот на честа констатира дека станува збор за грубо кршење на основните професионални стандарди. Имено, не само кодексот на новинарите при ЗНМ (член 10) туку и Декларацијата за однесување на членовите на Меѓународната федерација на новинарите како и сите Кодекси и правила на професијата – забрануваат говор на омраза и кршење на човековите права и дискриминација заснована меѓу другото врз: расна, полова припадност или сексуална ориентација, јазик, религија, политички или друг став, како и на национална или социјална основа.

Посочениот текст во весникот „Вечер“ и фотографииите со која е опремен е еклатантен пример како се поттикнува омраза кон одредена група која не е во мнозинство. Со употреба на порнографски елементи се испраќа пораката дека сите хомосексуалци се такви како тие на фотографијата и дека тоа е суштината која нив ги одредува. Таа фотографија е избрана за да поттикне омраза, гадење, таа го вперува прстот во хомосексуалците и сите кои се против нивната дискриминација како „луѓе од другата страна“ на моралот. Воедно, со наднасловот „Конечно: Милчин од Сорос и уште двајца истомисленици – над фотографијата на тројца хомосексуалци при сексуален акт – се прави намерна асоцијација на личностите кои се „обработуваат“ во текстот.

Конкретно во текстот се прекршуваат повеќе одредби од Кодексот на новинарите на Македонија: Член 10:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува дискриминација о која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“ .

Во текстот свесно се создаваат и преработуваат информации со кои се загрозуваат човековите права и слободи на хомосексуалците, изобилува со говор на омраза и поттикнува на дискриминација врз основа на сексуална ориентација (на пример во изјавата на Драган Павловиќ-Латас, „нема понетолерантна сорта од педерската сорта… само педерите се педери-педери, ние за среќа сме на другата страна, и за разлика од нив правиме деца, живеејќи согласно со природата“). Член 11. Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност…“

Текстот е напишан со непристоен јазик, а објавувањето на непристојни фотографии во дневен весник кој е во слободна продажба е сосема во спротивност со етичките норми на информативноо новинарство. Член 15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Во текстот се употребува говор на омраза, брутална пресметка со неистомислениците и стигматизирање на хомосексуалците. Член 16.

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

Со написот се урива угледот и достоинството на новинарската професија и се злоупотребува медиумот за пресметка со личности поради нивните ставови или сексуална ориентација. Советот на честа укажува дека новинарот има право на сопствено мислење и на свој став, има право нешто да не му се допаѓа тоа не е спорно, но нема право преку медиумот да ги шири сопствените предрасуди, стереотипи и сопствената омраза. Оној момент кога некој настапува како новинар – тој момент неговите лични предрасуди не се релеванти, а уште помалку смеат да се промовираат. Во таа смисла потсетуваме дека согласно членот 9 од Декларацијата на Меѓународната федерација на новинари името новинар го заслужува само оној кој се придржува до основните принципи на однесување во професијата.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

You may also like...