ЗНМ: 2009.03.31 – Реакција на емисијата „Јади бурек“

Вторник, 31 Март 2009 Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува говорот на омразата на новинарот Драган Павловиќ – Латас во емисијата „Јади бурек“ емитувана на 30 март 2009 на НАША ТВ. Трендот на бруталната пресметка со неистомислениците преку медиумите добива загрижувачки размери. Говорот на омразата не е манифестација на правото на слободата на изразување туку негова злоупотреба и негација. Она што беше искажано во рамките на емисијата „Јади бурек“ од страна на Драган Павловиќ Латас, како што е посочувањето на нечија национална припадност како дисквалификација, лични закани, но и повик до другите исто да реагираат е класичен пример на „говор кој изразува и продуцира омраза“.

Советот на честа не може да прифати на новинарите да им биде доделена улогата на поттикнувачи на насилство. Потсетуваме дека одговорноста за јавно искажаниот збор и почитување на основните етички принципи важат за сите учесници во медиумската заедница, независно дали се тие членови на некое еснафско здружение како што е ЗНМ, дали се новинари известувачи, уредници, коментатори или водители кои за себе велат дека не се новинари по професија.

Советот на честа при ЗНМ нема други ингеренции освен да посочи на кршење на етичките принципи и да реагира против обидите на загрозување на автономијата на етичките стандарди особено во медиумите како креатори на јавното мислење поради што уште еднаш апелира до сите колеги да му се спротивстават на овој негативен тренд во сопствениот медиум.

Извор: Соопштение на Здружението на новинарите на Македонија.

You may also like...