Во Хрватска се казнува говорот на омраза на интернет, а во Македонија?

Општинскиот суд во Сплит донесе пресуда со која на 37-годишниот А. К. од Никшиќ му е изречена условна казна затвор од 8 месеци, со условен рок од 2 години за повторање на делото.

Казнетиот е роден во Сплит, дипломиран правник, а во судир со законите на Хрватска дошол заради коментар на Фејсбук, објавен во мај 2013 по повод одржувањето на референдумот за уставно дефинирање на брачната заедница. Како оправданост во реакција на овој коментар објавен на Фејсбук, се смета дека со истиот се предизвикува нетрпеливост и чувство на лична загрозеност кај лицата со хомосексуална ориентација и припадниците на црната раса.

А. К. во коментарот го напишал следното: „Убиј, заколи, па педерите да не постојат. О, Хитлере, стани само на 5 минути и реши го горливиот проблем со педерите на Земјата. Црнците не ги допирај, затоа што ние ќе ги вратиме по дрвјата и ќе им дадеме банани“.

Јавното обвинителство и судот оценуваат дека со коментарот на А. К. е исполнето битието на делото јавно поттикнување на насилство и омраза.
Понатаму, не е прифатен ставот на одбраната дека се работи за шега.

И покрај тоа што регулацијата на говорот на омраза е релативно отежната, кога се работи за употреба и ширење на истиот на интернет, сепак постојат обиди за спречување и казнување на тоа. Во 2003 година Советот на Европа донесе и посебен Протокол за говорот на омраза на интернет чија цел е двократна:
1) да се хармонизира казненото право во борбата против расизмот и ксенофобијата на интернет,
2) да се унапреди меѓународната сорабoтка во оваа област.
Според овој Протокол како расистички и ксенофобичен материјал се смета: секој пишан материјал, секоја слика или секое друго претставување на идеи или теории кои застапуваат, промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против индивидуа или група на индивидуи, засновано на раса, боја, предците или националното или етничко потекло, како и религија ако е употребена како претекст за било кој од овие фактори.

Од аспект на националното законодавство на Република Македонија, говорот на омраза на преку компјутерски систем е инкриминиран преку одредбата 394-г од Кривичниот законик:
„Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години.“

Се надоврзуваме на македонското искуство, токму заради пропустите во казнувањето на говорот на омраза преку компјутерски систем, особено во случаите на хомофобични содржини и повикување на насилство.
Така, при еклатантни примери на користење и ширење на говорот на омраза, кривичните пријави до конкретни лица не се процесираат и Јавното обвинителство не постапува по истите.
Оттука, последниот случај со поднесување на кривични пријави против водителите Јанко Илковски и Миленко Неделковски од страна на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, повторно го има истиот епилог, односно институциите не реагираат на говорот на омраза и повиците на насилство.

Кривичните пријави против Илковски и Неделковски се засноваат на член 319 од Кривичен законик со кој се забранува предизвикување национална, верска и расна омраза, раздор и нетрпеливост, понатаму според член 394 г, се санкционира ширење на ксенофобичен материјал преку компјутерски систем, како и член 417 со кој се забранува расна и друга дискриминација. Со оглед на тоа што Неделковски и Илковски се јавни личности и имаат голем број следбеници на социјалните мрежи, имаат обврска да ги менаџираат своите профили и да ги отстрануваат коментарите со конкретната содржина, во спротивно дозволуваат и поддржуваат ширење на омраза, дискриминација и прекршување на претходно споменатите членови.

Конечно, потсетуваме на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, низ случајот Делфи против Естонија, во кој интернет портал е прогласен за виновен затоа што не ги селектирал коментарите од читатели кои биле објавувани на неговата страна.

Извор: ЛГБТИ Центар за поддршка (18.01.2015). Во Хрватска се казнува говорот на омраза на интернет, а во Македонија?

You may also like...