Патриотски говор на омраза кон невладини организации (3)

„Патриотскиот“ говор на омраза се темели на неосновани обвинувања и божемна грижа за народот, државата и нејзините институции. Во основа, пак, станува збор за атак кој непосредно шири омраза кон критичарите на власта и посредно негува љубов кон политичарите на власт, кои се поистоветуваат со државата и/или народот.

 

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде, а вториот дел овде)

 

Пишува: Жарко Трајаноскимагистер по човекови права

 

Претходно укажавме дека „патриотскиот“ говор на омраза е препознатлив по поделбата на „Ние“ („патриотите“) и „Тие“ („предавниците“) и по намерата да се поттикне омраза кон критичарите на актуелната власт. Дадовме повеќе примери за „патриотски“ говор на омраза кон „соросоидите“ во кои негативно се претставени како „шпиони“ и „домашни предавници“, како „терористи“ и „платеници“ кои го уништуваат новинарството, како „заканувачи“, „насилници“ и „поттикнувачи на кривични дела“, како „парадржавна власт“ и „банда“, „предавници на името“…

Во ова продолжение ќе анализираме неколку посвежи случаи на „патриотски“ говор на омраза насочен кон невладини организации поради нивното јавно критикување на политиките на властите. Ќе видиме како „патриотскиот“ говор на омраза се користи за префрлање на вината за неуспесите на власта врз невладини организации, кои медиумски се конструираат како „непријатели“ на државата и народот.

 

Критичарите како „дежурни виновници“ за сите проблеми во државата

„Патриотскиот“ говор на омраза се темели на неосновани обвинувања и божемна грижа за народот, државата и нејзините институции. Во основа, пак, станува збор за атак кој непосредно шири омраза кон критичарите на власта и посредно негува љубов кон политичарите на власт, кои се поистоветуваат со државата и/или народот.

На пример, истиот ден кога невладината организација „Цивил“ ја промовираше публикацијата во која претходните избори беа оценети како „валкан меч“, во провладините медиуми беа објавени неколку оцрнувачки написи со различни наслови, но речиси иста пропагандна содржина.

На пример, насловот „Цивил со 5 200 000 евра ја напаѓа власта – непотребно подгреваат меѓуетничка нетрпеливост“ ем ја клевети невладината дека располага со сите пари на „фондацијата СОРОС Македонија“, ем ја обвинува за подгревање на меѓуетничка нетрпеливост.

Невладината организација се клевети со исти зборови и во написите „Цивил“ одработува туѓи црни сценарија – подгрева тензии и провоцира меѓуетнички конфликти и Невладината „Цивил“ – Ударна тупаница за смутовите на СДСМ.

Оваа темпирана медиумска канонада од пропагандни содржини нема ништо заедничко со етичкото новинарство и претставува класичен пример на „патриотски“ (или „партиотски“) говор на омраза насочен кон невладина организација.

Написите се темелат на лажни обвинувања („„Цивил“ голем дел од средствата на СОРОС ги распределува на медиуми кои се проопозициски настроени“) и на божемна грижа за државата и нејзините институции кои биле „оцрнувани“ од „Цивил“: „Освен во оцрнувањето на државата и нејзините институции, „Цивил“ се обидува да ја јаде државата и однатре, создавајќи атмосфера на конфликти и судири.“

Во написите се користат повеќе пропагандни стратегии. Невладината организација се претставува како виновна по асоцијација со други „дежурни виновници“ („СОРОС“ и СДСМ). Невладината организација „Цивил“, која јавно го осудуваше говорот на омраза од страна на провладините медиуми, се обвинува дека „креира црно бела перцепција на општеството во кое власта секогаш ќе биде црната страна“. Критиката дека „ЕТНИЧКИТЕ ТЕНЗИИ СЕ ПОСЛЕДИЦА НА ПОГРЕШНИТЕ ПОЛИТИКИ НА ВМРО-ДПМНЕ И НА ДУИ“ се претставува како „оцрнување на државата и нејзините институции“. Невладината организација која по повод протестите на 4 јули прва упати апел до граѓаните и до полицијата за воздржување од употреба на оружје и насилство се обвинува дека подгрева меѓуетничка нетрпеливост. Критичарот на политиките на партиите на власт медиумски се конструира како „жртвен јарец“ на кого се префрла вината за тековните проблеми („ја јаде државата и однатре, создавајќи атмосфера на конфликти и судири.“).

Оркестрираните медиумски напади врз „Цивил“ се истовремено и напад кон нејзиниот „прв човек“, за кој се креира перцепција дека е „виновен по асоцијација“ со „СОРОС“ и СДСМ („Очигледен е ракописот на СДСМ во секое соопштение, став или извештај на невладината „Цивил“.“) Поттикнувањето на омраза кон „Цивил“ се искористува не само за поттикнување омраза кон најголемата опозициска партија („смутовите на СДМ“), туку и кон сите други опозициски партии, индивидуи и невладини организации, кои сите на купче се обвинети дека ѝ „прават голема штета на Република Македонија“.

 

Конспиративен „патриотски“ говор на омраза

„Патриотскиот“ говор на омраза е препознатлив по опседнатоста со „предавници“. Колумната „ПРЕДАВНИЦИ, ПАТРИОТИ, ШПИОНИ И РАЗУЗНАВАЧИ“ е класичен пример на ширење омраза од страна на авторот (кој се поистоветува со „напатениот но мудар Македонец“) кон „модерните предавници“, олицетворени во „Дел од НВО-мрежата во нашата земја – предводени од квази интелектуалци и без`рбетници“.

Авторот на колумната воопшто не прикрива дека мотив за неговиот „патриотски“ изблик на омраза кон невладините организации се критичките извештаи: „Извештаите, рејтинг листите, процените за слободите, демократијата, медиумите, правата и слични нешта што овие организации периодично ги изнесуваат“.

Насловот преполн со етикети „ПРЕДАВНИЦИ, ПАТРИОТИ, ШПИОНИ И РАЗУЗНАВАЧИ“ реферира на „општествена рак-рана наречена НВО“, за која креира конспирација дека е марионетски раководена од „странските влади (затскриени зад филантропски фондации)“.

За да го поткрепи своето „патриотско“ тврдење дека НВО се странски „агенти“, авторот се служи со следниве непоткрепени „факти“:

„Во САД има вкупно 4 (ЧЕТИРИ) странски невладини организации. Невладините организации МОРААТ да се регистрираат во Министерството за правда на САД и тоа во одделот за контрашпионажа.“

Интересно, истото непоткрепено тврдење, со потполно истите зборови, букви и интерпункција, се среќава и во колумната „НВО во САД!!!“, во која има поексплицитен „конспиративен“ говор на омраза кон невладините организации:

„Во Македонија НВО-ата можат да роварат, да не бидат прашувани за ништо, можат да трошат кеш пари на кои не им се знае потеклото… Може да прават хаос, да лажат, да манипулираат… Никој не може да им застане на патот на деструкцијата.“

Симптоматично, повод за овој медиумски атак врз сите НВО во Македонија е критичкиТВ-прилог во кој се укажува на медиумското сатанизирање на светските организации и во кој се потенцира дека „според последниот извештај на меѓународната Фридом Хаус само три места ја делат Македонија од државните со целосно неслободни медиуми“.

Станува збор за уште еден, од бројните примери како „патриотскиот“ говор на омраза се користи во обид за замолчување и дискредитирање на критичките невладини организации во Република Македонија.

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 17.07.2014.

You may also like...