Настан: ТУРЛИТАВА – Заедно е послатко!

Со цел да се одбележи 22 јули како ден посветен на жртвите на дела од омраза – акција на Советот на Европа, оваа среда (22 јули) Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ/ЛГБТИ Центар за поддршка, организира настан во Паркот на Франкофонија – Монтажна/Mобилна Галерија CAC, во 20 часот, насловен ,,Турлитава‘‘.

Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.

Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно. – Хелсиншки комитет за човекови права на РМ/ЛГБТИ Центар за поддршка

Во рамки на настанот ќе бидат прикажани и филмовите Ќор-сокак на Брам Шоу и Опасни игри на Марина Абрамовиќ.

Ве очекуваме, во среда, заедно да го одбележиме европскиот ден посветен на жртвите на дела од омраза. Заедно да ги вкусиме различните традиционални кујни, и заедно да го потенцираме прифаќањето, признавањето и споделувањето.

Настанот ќе биде организиран со поддршка на ,,Цивил‘‘ и ,,Амбрела‘‘.

You may also like...