Миленко Неделковски повика на линч на новинари, засегнатите ќе бараат реакција од јавниот обвинител

Во својот текст (колумна) под наслов „Сечење на чировите“ (http://dudinka.mk/?p=445), на порталот Дудинка (dudinka.mk), чиј сопственик е, лицето Миленко Неделковски сторил две кривични дела против нас, лицата наведени во текстот, „Билјана Секуловска, Ацо Кабранов, Ерол Ризаов, Бранко Героски, Петрит Сарачини, фамилиите на Ленче Николовска, Борјан Јовановски и Нано Ружин“ и лицата „Героски, Ордановски, Сарачини, Биљали, Кабранов, Арсовски“, напиша на својот профил на Фејсбук, уредникот на „Слободен печат“ и на Плусинфо, Бранко Героски, повикувајќи ги засегнатите заедно да реагираат.

„Имено, во текстот се вели: „Сето тоа се куп на ПЕДЕРИ ШТО РАБОТАТ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРЧКАТА ВЛАДА И ГРЧКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ. Тоа се луѓе на кои треба да им се суди за велепредавство.“ Како што е познато, според член 305 од Кривичниот законик на РМ, Велепредавство ем кривично дело: „Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Авторот Неделковски не остава простор за „метафорично“ толкување на неговото тврдење дека на наведените лица треба да им се суди за велепредавство. Тој вели: „Крајно време е Јавното Обвинителство да превземе чекори и да почне да ја штити државата и нас граѓаните од овие гадови. ЈО има законска обврска за вакво нешто.“

Со тоа, Миленко Неделковски недвосмислено го сторил кривичното дело Лажно пријавување на кривично дело според член 366 од КЗ на РМ (Став 1: „(1) Тој што ќе пријави друг дека сторил кривично дело за кое гонењето се презема по службена долж-ност, а знае дека не е сторител, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.“

Освен тоа, Миленко Неделковски недвосмислено и сериозно ни се заканува на нас, наведените лица, дека ќе нападне врз нашиот живот и тело и животот и телото на нам блиски лица (во текстот се спомнуваат семејства). Тоа го сторил со следните зборови: „Шлаемот се исплукува со р‘кање, гнојот се стиска и исфрла, чирот се отстранува хируршки. Со скалпел, со оштро сечиво.“ И понатаму: „Доколку Владата и институциите на државата не ги преземат мерките на кои законот ги обврзува, следниот чекор ќе е вонинституционално организирање на Македонците за да си го изметат својот двор.“ И понатаму: „Значи хируршки, со остро сечиво, чировите треба да се отстранат, гнојот да се истисне…“. И понатаму: „Ние, на 27-ми сме дале мандат Македонија да ги истресе од себе овие вошки и крлежи. Но, доколку не сака (или не може) државата, тогаш народот си има свои методи.“
Со ова, лицето Миленко Неделковски го сторил кривичното дело Загрозување на сигурноста, според член 144 од КЗ на РМ (Став 1: „Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот или тело или животот или телото на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.“)

Како еден од засегнатите со овие две кривични дела, ги повикувам сите засегнати да присуствуваме на денешната прес-конференција на Јавниот обвинител Марко Зврлевски (13 часот) и да му предадеме примерок од овој текст (колумна). Понатаму, предлагам да сториме се што е неопходно прописно да ги пријавиме сторените кривични дела. Исто така, бидејќи текстот содржи и директни клевети и навреди, предлагам да ја разгледаме можноста да покренеме заедничка приватна тужба против Неделковски, според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Ги очекувам реакциите на засегнатите“, пишува Героски.

Извор: plusinfo.mk , 03.05.2014

You may also like...