Како да се пренесат зборови на политичар кога во нив има елементи на говор на омраза

Најопасно е преку медиумите да се  шират омразата и предрасудите, бидејќи тоа најчесто завршува со насилство. Медиумите што шират и пренесуваат говор на омраза, се соучесници во можните злосторства што произлегуваат од неа. Новинарите и медиумите се одговорни за содржините што ги пласираат или ги прикажуваат без оглед на тоа кој ги произведува.

Протести на Националната организација на жените (NOW) во САД против говорот на омраза што го практикува десничарскиот радио водител Раш Лимбо пред радио станицата која го пренесува неговото неделно шоу, Вашингтон, 8 мај 2012 година. Фото: NationalNOW

Протести на Националната организација на жените (NOW) во САД против говорот на омраза што го практикува десничарскиот радио водител Раш Лимбо пред радио станицата која го пренесува неговото неделно шоу, Вашингтон, 8 мај 2012 година. Фото: NationalNOW

 

 

Пишува: Александар Писарев

Најчесто политичарите се тие кои се спомнуваат дека произведуваат говор на омраза, при што новинарите се само во улога на трансмитер на таквиот говор, дистрибутер, или мегафон преку кој политичарите на овој начин ги соопштуваат своите пораки.

Како новинарот треба да го пренесе директното обраќање на политичкиот субјект-политичар лидер на политичка партија, член на владата или премиерот, ако тој користи говор на омраза, напаѓачки квалификации и навреди и на тој начин може да предизвика негативна стереотипизација? Во нашата пракса новинарите најчесто експлицитно го пренесуваат говорот на омраза на политичарите. Притоа, тие навистина не можат да трпат некакви правни консеквенци, но имаат етичка одговорност.

Ваквите настапи на политичарите во европската пракса се „санкционираат“ на два начина. Новинарот во таква ситуација има право на политичарот да му го „ускрати правото на слободата на говорот“, така што тој дел од неговото излагање, во рамките на саморегулацијата, нема да го објави. Втората можност е тој дел од говорот, каде има елементи на говор на омраза, да го стави во некаков контекст. Притоа, тој ќе укаже дека во неговото излагање има недозволено користење на говор на омраза и ќе се повика на кривичниот закон, кој во европските земји во одредени случаи предвидува и казна затвор во траење од три години за говор на омраза.

Говорот на омраза во најголем број случаи е насочен кон друга етничка заедница, политичкиот противник, или ЛГБТ популацијата. Граѓаните во таквите ситуации се претворени во ,,заробен аудиториум“, кој мора да ги слуша нивните навреди без право на избор. Односно, има само еден избор: да слуша/гледа/чита, или да не слуша/не гледа/не чита. Новинарот треба или да го избегне тој дел од говорот или да го контекстуализира. Но, во никој случај не треба експлицитно да го пренесе.

 

Најчеста употреба

Политичарите говорот на омразата најчесто го употребуваат во предизборни кампањи за да го дисквалификуваат политчкиот противник, да го омаловажат и да ги одвратат бирачите од гласање за него. Таквите прилози, во кои новинарот експлицитно го пренесува говорот на омразата на политичарот, можат да предизвикаат атмосфера  на сериозни тензии во политичките и меѓуетничките односи и во себе да носат прикриен или отворен повик за насилна мобилизација, дискриминација, насилство и нетолерантност.

Пример:

…„ Со твоето  минато, од менувањето на името во БЈРМ, со твоите шверцови за време на ембаргото за кои до ден денес балканските криминалци со носталгија раскажуваат како во кафана сте делеле пари од народот, со создавање на октопод и пирамидалните штедилници со кој јавно го ограби народот, со криминалот кој царуваше во твоето време, со твоето неработење, лаги и манипулации на народот. …„Не дека екипата ти е нешто поарна, твоите пајташи и оние кои те следат како мали кутренца“… (говор на Премиерот на локалните избори 2013).

Со вака експлицитно пренесен говор на политичар медиумите имаат негативна улога кон дезинтеграција на општеството, било преку невнимателно или преку намерно известување кое поттикнува стереотипи, предрасуди, поделби и нетолеранција.

Само со саморегулација и почитување на Кодексот на новинарите на Македонија, (член 14):

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичкиот субјект“.

можат да се сочуваат етичките и професионалните принципи и вредности и угледот и достоинството на професијата.

 

Нема место за амнестија

Повеќето млади новинари сметаат дека ако директно го цитираат и го стават под наводници говорот на политичарот во кој има елементи на говорот на омраза, тие се амнестирале од одговорноста за неговите зборови. Грешат, бидејќи ако не го проблематизираат говорот на омраза кој го користи политичарот, ако не го стават во умерена рамка и во соодветен контекст кој нема да го вознемири читателот/гледачот, со еден збор граѓанинот, тие стануваат обични дистрибутери и гласноговорници на политичкиот субјект со што ја губат општествената улога која им е доверена.

Европското законодавство уште од крајот на минатиот век, а поинтензивно од 2000 година во своите кривични закони го внесува поглавјето и казнените одредби за говорот на омраза и за оној кој го употребува и за оној кој пренесува таков говор. Во Кривичниот закон на Велика Британија ова е многу прецизно регулирано:

„ако некој примени било каков начин да ја вознемири јавноста со: поттикнување на омразата против делови на населението или повикува на насилни мерки против нив, го напаѓа човековото достоинство, ги навредува другите и злонамерно ги оцрнува пред граѓаните, навредува делови на населението, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. Оној кој ова како содржина ќе го пренесе во медиумите, радио, ТВ или печат, ќе се казни со затвор повеќе од три години“.

Би-Би-Си во врска со ова го отвора прашањето на новинарската, односно  медиумската неутралност. Дали во некои случувања, особено ако се афримира омразата, дискриминацијата, или насилството, може да се биде неутрален. Притоа, мора да се води сметка за одговорност на јавниот збор. Медиумите никако не смеат да станат погодно средство за ширење на ксенофобија, омраза, насилство, вознемиреност или страв.

Филип Бретон (професор по журнализам на Универзитетот во Стразбур) вели дека тоа не е лесно да се реши, бидејќи тие што испраќаат такви пораки, тоа го прават потполно свесно, ги злоупотребуваат медимите за да пренесат кодирана порака, или да мобилизираат.

…,,Немуслиманското население во светот звучниците ги нарекува ,, звучно чистење“, метод со кој оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“(порака објавена во нашите медиуми).

Во вакви случаи, медиумите и новинарот мораат да бидат свесни за одговорноста која ја имаат во хетерогено општество. Не смеат да бидат трансмитери на изјавите кои внесуваат елементи на верска нетолеранција и се движат во рамките на негативните стереотипи.

 

Опасност по демократија

Ако кај новинарите е развиена морална култура, тие ќе бидат чувствителни и внимателни и ќе откриваат навреме секој таков обид. Спротивно, ако кај новинарите не постои отпор кон таквото однесување на политичарите, се зголемуваат манипулациите со граѓаните кои оставаат катастрофални последици во јавниот живот и претставуваат огромна опасност за демократијата. Се вклопуваат во шемата на ширење на предрасудите, стереотипите, дискриминацијата…, стануваат учесници во говорот на омразата и некритичкото ширење на пораки. Во кризните ситуации овие облици попримаат патолошки димензии. Најопасно е преку медиумите да се  шират омразата и предрасудите, бидејќи тоа најчесто завршува со насилство.

Медиумите, што шират и пренесуваат говор на омраза, се соучесници во можнитезлосторства што произлегуваат од неа. Новинарите и медиумите се одговорни за содржините што ги пласираат или ги прикажуваат без оглед на тоа кој ги произведува. Водителот на дебатна емисија, во чии рамки пораките се исполнети со омраза и сочни епитети, може да се победи само со отворено спротивставување на таквото новинарство.

Би-Би-Си има воспоставено уреднички правила како чин на саморегулација, според кои новинарот е должен строго да води сметка да не го пренесува директно говорот на омразата ако политичарот или друг политички субјект го употребил во било која прилика. Британскиот јавен сервис има воведено свои стандарди и им препорачува на новинарите да ги применуваат во вакви ситуации, така што или ќе го избегнат тој дел од говорот на политичарот или мора да го контекстуализираат за да се овозможи соодветна заштита на јавноста од матерјал кој нанесува навредливи и штетни дисквалификации.

Би-Би-Си советува, при пренесување на говор на политичар, новинарот да води сметка за почитување на човековото достоинство. Заплашувањето, понижувањето, агресијата и дерогативните забелешки се дел од  човековото однесување кои можат да бидат внесени во содржината на медиумскиот прозивод. Дел од тие содржини можат да бидат сурови, но и претерано заплашувачки, заканувачки, понижувачки, агресивни, навредливи…

„Ако за Фатмир Дехари сите градови, почнувајќи од Тирана, преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово , Скопје, Куманово ќе формираат една Албанија и ако Фатмир Дехари сака да живее во Албанија, еве му ја Албанија, нека си оди таму, нека си живее во Албанија.“ (порака на политичар за време на кампања за локалните избори 2013).

Ваквите содржини од говорот на политичарот медиумот не смее да ги истакнува и потенцира. Мора да внимава таквите коментари, како и тонот со кој се изречени, да бидат ставени во некаков контекст пред да бидат објавени и пласирани кон целта кон која се насочени.

Европската конвенција за човековите права во членот 10 дава упатство како да се однесуваме доколку  политичкиот субјект употребува говор на омраза. Таа вели:

„Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на испраќање и примање пораки и информации. Но, остварување на овие слободи може да подлежи на ограничување или санкции доколку поттикнува омраза, ксенофобија, национална, расна или верска омраза, доколку вознемирува, заплашува, мобилизира, содржи форма на нетрпеливост, агресија, етноцентризам, дискриминација по било која основа или непријателство кон малцинствата. Медиумите и новинарите се должни, доколку забележат такви содржини, јавно да ги отфрлат секогаш кога ќе се појават“.

Би било корисно медиумите, односно нивните новинари, во програмските сервиси да ги оспоруваат сите изјави на политичките субјекти и на соговорниците ако овие употребуваат говор на омраза кон било која етничка, културна, религиозна и друга заедница.

 

Како да се препознае говор на омраза

Не постои универзално прифатена дефиниција на говор на омраза, иако неговото ширење преку медиумите е забрането во легистативата на голем број земји. Најчесто говорот на омраза се опишува како форма на изразување, која е мотивирана од и која има за цел да поттикнува непријателство кон некоја група или нејзините припадници. Идентификување на исказите што се класифицираат како „говор на омраза“ е прилично тешко, бидејќи овој вид говор не мора секогаш да се манифестира преку експлицитни изрази на „омраза“ или емоции. Тој може да биде прикриен во искази кои на прв поглед може да се чинат рационални и логични:…„Ако Фатмир Дехари сака да живее во Албанија, еве му ја Албанија, нека оди, нека си оди таму, нека живее таму“… (пример од локалните избори 2013).

Политичарите во посткомунистичките земји, а посебно на Западниот Балкан говорницата ја претвораат во место од каде ќе го плукаат својот политички противник:„балканските криминалци со носталгија  раскажуваат како во кафеана сте делеле пари од народот“… (порака од Премиерот до политичкиот противник). Ќе плукаат национално или религиозно малцинство; „звучно чистење, метод со кој оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“ (порака пренесена во медиум).

Кога лидерот вака се однесува тогаш и сите пониски ешалони во власта, но и нивните политички противници, се натпреваруваат во говорништвото кое ќе биде исфилувано со говор на омраза. Ако новинарот не се огради и експлицитно ги пренесува тие делови од нивниот говор, тогаш и тој станува соучесник во говорот на омраза.

Последните години законодавството во Европа посветува посебно внимание на начините како да го ограничи, односно елиминира говорот на омраза кој се пренесува преку медиумите. Од 2007 година Италија, Франција, Германија и сите земји од стариот континент покажуваат големо интересирање за сузбивање на говорот на омраза и тоа го регулираат со своите кривични закони за да го заштитат достоинството на поединците и општествените групи, како што се нација, раса, вера, етнос… Значи, со кривичниот закон во повеќе европски земји воведени се ограничувања на слободата на говорот во полза на правото на достоинство на одредени општествени групи.

Медиумите се први кои треба да го применат тоа ограничување кога се во ситуација да ги слушат политичарите кои во својот говор имаат елементи на говорот на омразата. Во Америка оваа пракса се применува од  осумдесетите години со општ акт, speech codes, со кој се забранува употреба на говор на омраза од јавна говорница и неговото евентуално пренесување во медиумите.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права и слободи од 1966 година во членот 19  регулира ограничување на правото на слободата на говорот. Таму се вели дека било кое поттикнување или пропаганда на војна, заговарање на национална, расна или верска омраза со која се поттикнува дискриминација, непријателство или насилство, навреда на животното определување… како и пренос на такви пораки во медиумите, се забранети. Ова правило е преточено и во Кодексот на IFJ (Меѓународна федерација на новинарите).

Извор: Сервис за проверка на факти од медиумите, 09.11.2013

You may also like...