И претепување среде бел ден на плоштад – некои медиуми ич не ги засега!

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

И претепување среде бел ден на плоштад – некои медиуми ич не ги засега!

Како медиумите (не) известуваа за насилство мотивирано од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет? (1)

„Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата…“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Етичка обврска на новинар(к)ите е да ги бранат човековите права. Исто така, етичка обврска на новинар(к)ите е да не кријат ништо што е спротивно на јавниот интерес. А според Прирачникот за етиката во новинарството:

„Јавниот интерес вклучува информации кои можат да придонесат за откривање на … случаи на неправда, кршење на човекови права, дискриминација…“.

Следствено, етичка обврска на новинар(к)ите е професионално да известуваат за кршењето на човековите права (вклучително и на ЛГБТ лицата), особено кога станува збор за насилство мотивирано од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Но, наместо да известуваат професионално и да ги бранат човековите права на ЛГБТ лицата, повеќето медиуми и новинар(к)и го игнорираа или маргинализираа хомофобичното насилство во Македонија.

Новинар(к)ите не ги сфатија сериозно хомофобичниот говор на омраза и најавите за насилство

Новинар(к)ите беа соочени со посебни етички предизвици на денот кога започна манифестацијата „Недела на гордоста“, особено по реакцијата на здруженијата на граѓани кои поднесоа „пријава за поттикнување на дискриминација и насилство, против неидентификуваните организатори на ’КОНТРА-гејПАРАДА‘“. Само мал дел од медиумите известуваа за настанот „КОНТРА-гејПАРАДА“, иако станува збор за настан од јавен интерес. Малкумината известувачи не обезбедија ниту изјави од организаторите, ниту изјави од МПЦ (контра-протестот започнуваше пред Соборниот храм), ниту пак изјави од МВР кое беше повикано „да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет…“. Исклучок беше медиумот кој обезбеди фотографии од учесниците на „КОНТРА-гејПАРАДА“ и изјава на организаторот на „неделата на гордоста“:

„-Нас нè загрижува ова бидејќи една толпа луѓе повикува на насилство и е подготвена да врши чин на злосторство врз основа на сексуалната ориентација.“ (Анти – геј протест не се одржа – ЛГБТ заедницата поднесе тужба).

Иако известувачите забележале дека „само 20-тина тинејџери се собраа во дворот на МПЦ да протестираат против одржување на геј парада во Скопје“, насловите сугерираа дека немало никаков контра-протест:

Некои известувачи дури сугерираа дека контра-протестантите се разотишле:

„Но, по 40 минути беше јасно дека протест нема да има и сите се разотидоа.“

Известување од одредиштето на контра-протестот

Само неколку критички настроени портали известија за насилството на плоштадот „Македонија“ – Скопје на 22 јуни – одредишното местото најавено од организаторите на „КОНТРА-гејПАРАДА“. Само еден новинар обезбеди изјава од очевидец и снимки од „Групата од 20-тина тинејџери“ (додека стојат пред фонтаната „Воинот на коњ“ и во бегство) – кои „неуспешно се обидоа да протестираат против геј парадата која и не беше никогаш закажана“ и кои „брутално претепаа малолетник пред споменикот на цар Самоил.“ ((ВИДЕО) Анти – гејовите претепаа малолетник). Истиот новинар извести дека од МВР „негираат дека претепаниот малолетник бил нападнат од демонстрантите кои беа присутни на плоштадот“, а потоа укажува:

„Сепак, камерата на А1он успеа да ги фати тинејџерите како бегаат кон сендвичарата ’Чичко Стоилко‘ кои се сокрија во Градскиот трговски центар.“

Секоја чест на исклучоците, но новинар(к)ите пропуштија да известуваат од одредиштето на контра-протестот и не успеаја да обезбедат информации од јавен интерес, иако имаше укажувања дека говорот на омраза може да резултира со насилство.

Провладините медиуми продолжуваат да го игнорираат насилството на плоштадот

На 23 јуни, ТВ Алсат-М извести дека:

„Група од 40 хулигани Македонци, што вчера протестираа против Неделата на гордоста на ЛГБТ во Скопје, претепа без причина 4 млади во центарот на Скопје.“ (Huliganët maqedonas rrahin 4 të rinj, pa asnjë arsye).

Иако прилогот е опремен со фотографии на повредените, и со видео изјава на еден од повредените и неговиот татко (кои јавно кажуваат дека напаѓачите биле маскирани), информациите беа пренесени само од неколку критички настроени медиуми, а беа комплетно игнорирани од провладините медиуми.

Само еден медиум експлицитно посочи на несовпадливоста помеѓу изјавата на жртвата и изјавите на МВР:

„Нагласи дека бил нападнат од маскирана група, а не како што МВР тврдеше во саботата, од друго малолетно лице.“ (ВИДЕО: МВР демантира, но Реџеповски тврди дека бил тепан од поголема група).

Истиот медиум подоцна обезбеди изјава од портпаролката на СВР-Скопје, во која се потврдува дека имало четири жртви кои биле нападнати од „повеќе непознати лица“:

„На плоштадот Македонија, на 22-ри јуни во 15:10 повеќе напознати лица со физичка сила и предмети ги нападнале И.Ш. (1993), Ш.Р. (1997), К.Р.(1995) и Н.Р. (1998).“ (И по четири дена од насилството на контра-геј хулиганите МВР нема осомничени).

Секоја чест на исклучоците, но новинар(к)ите (особено од провладините медиуми) пропуштија етички да известуваат за тема од јавен интерес. Наместо во одбрана на човековите права и на јавниот интерес (пронаоѓање и казнување на групата сторители на кривични дела), повеќето од медиумите ги игнорираа и жртвите и укажувањата дека е голема веројатноста од насилство поттикнато од хомофобичниот говор на омраза.

Новинар(к)ите ги нема на отворањето на „Недела на гордоста“

Иако „неделата на гордоста“ и „контра гејпарада“ беа „жешки“ новинарски теми на 22.06.2013, новинар(к)ите не го удостоија со своето присуство првиот јавен настан од „Недела на гордоста“ – промоција на видео филмови и прирачник за здравствените права на транс-лицата. Следствено, немаше новинарско известување во прво лице за нападот врз ЛГБТИ центарот во Стара Чаршија и присутните на промоцијата. Немаше новинар(к)и кои би го посведочиле ниту нападот мотивиран од омраза од страна на поголемата група маскирани лица во центарот на Стара Чаршија, ниту пак (не)дејствувањето на МВР.

(Продолжува…)

Извор: Сервис за проверка на факти од медумите, 06.07.2013

You may also like...