Два скандала на говор на омраза во полето на спортот изминатиот месец

Неодамна, два спортски скандали го раздвижија светот, каде и во двата случаи спортските поддржувачи го препознаа и на интересен начин реагираа на говор на омраза.

Најпрвин, сопственикот на НБА тимот ЛА Клиперс, Доналд Стерлинг се најде во средиштето на расистички скандал во НБА лигата. Спо ред известувањето на медиумите, Стерлинг во телефонски разговор со својата девојка изјавил: „Можеш да спиеш со црнци, тие можат да доаѓаат кај тебе, можеш со нив да правиш што сакаш, но најмалку што можеш да направиш е да ги водиш со тебе на натпреварите“. НБА лигата веднаш започна истрага по случајот. Автентичноста на аудио снимката од споменатиот разговор беше утврдена по само два дена, по што Комесарот на НБА Адам Силвер за медиумите соопшти дека на Доналд Стерлинг му е забрането да присуствува на тренизните и натпреварите во лигата, и дека не смее да учествува во деловните потфати поврзани со истата. Меѓу другото НБА го казни сопственикот на Клиперс и со парична казна од 2,5 милиони долари за извршениот говор на омраза – максималната сума согласно правилата на лигата.

Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде познати и не толку познати личности ја поддржуваат одлуката на НБА и се согласуваат дека Стерлинг повеќе не треба да биде сопственик на клубот.

На Твитер спортските подржувачи и активистите против говорот на омраза пишуваат под хаштазите #DonaldSterling и #BoycottClippers.

Случајот е сеуште отворен, а последно од  истиот е изјавата на Доналд дека нема намера да го продаде клубот и најавува тужба против НБА лигата.

Вториот случај забележан само неколку дена по скандалот со расистичката изјава на Стерлинг, е од сличен карактер. Имено, повторно станува збор за говор на омраза забележан на спортските терени, овој пат во фудбалот.

На последниот натпревар помеѓу Барселона и Виљареал, фудбалерот Дани Алвеш беше жртва на говор на омраза, кога еден посетител во расистички напад му фрли на играчот банана.

Додека Алвеш се подготвуваше да изведе корнер, пред него падна банана, што е чест потег на расистите во оваа земја. На оваа непријатна сцена, Алвеш одговори со гризнување на залак од бананата која се најде пред неговите нозе пред да продолжи со играта. Натпреварот заврши со победа на ФК Барселона, по што Алвеш изјави „Во Шпанија сум веќе 11 години, и ова се случува уште од самиот старт. Треба да им се смеете на овие ретарди, не знам кој ја фрли бананата, но сакам да му се заблагодарам. Ми даде енергија за две нафрлувања кои завршија со погодоци за нас”. Навивачот кој ја фрли бананата е уапсен, укинато му е членството во фудбалскиот клуб и му е изречена доживотна забрана за присуство на натпреварите на својот омилен клуб – Виљареал.

Исто и како случајот со Доналд Стерлинг, така и овој доби огромен одзив на социјалните мрежи, каде колегите фудбалери на Алвеш, спортските поддржувачи и борците против говорот на омраза започнаа цело движење на споделување на фотографија од себе на која јадат банана, придружена со хаштагот #somostodosmacacos што на шпански значи „сите сме мајмуни”.

You may also like...